Белградскиот Fashion Selection ветува уникатни и тренди дизајнерски колекции

2 април 2014

Веднаш по завршувањето на Модниот викенд Скопје, модната елита се сели во Белград каде од 6 – ти до 16 – ти Април ќе се одржи 24 – тиот по ред Fashion Selection каде ќе бидат прикажани актуелни модни трендови за следната сезона.

По тој повод, манекенките од модната агенција Селект во текот на вчерашниот ден во прекрасниот амбиент на терасата на шармантниот белградски хотел „88 Rooms“ претставија по еден модел од сите учесници на овогодинешниот Fashion Selection.

Меѓу нив, се најде и македонскиот дизајнер Ненад Секирарски кој во Белград ќе се претстави по 15 – ти пат.

Секирарски во продолжение прави куса споредба на Модниот викенд Скопје со оној во Белград.

„Да, јас и овој април ќе бидам дел од белградскиот Fashion Selection што се одржува по 24-ти пат, а мене ми е 15-то учество, затоа слободно можам да кажам дека го познавам настанот во целиот свој развој. Мислам дека српскиот пазар е поголем, со повеќе спонзори и поголема медиумска покриеност, па со тоа и настанот добива на тежина, но она што кај нас се случува воопшто не е помалку вредно бидејќи искуството и традицијата ќе го направат своето“, објаснува Секирарски.

Од минатогодишниот Fashion Selection Од минатогодишниот Fashion Selection

Како и секоја година, така и оваа, на манифестацијата Fashion Selecetion посетителите ќе можат да уживаат во одличната програма и ревиите на бројни балкански дизајнери, брендови, но и млади и надежни таленти.

Традиционално, на самиот старт на модната манифестација во шопинг центарот Ушќе ќе се одржи долгоочекуваната „Модна вечер“ каде посетителите ќе имаат можност да уживаат во четири модни ревии на кои во улога на модели ќе се појават бројни познати личности.

Своето присуство на овогодинешниот Fashion Selection го потврдија дизајнерите Сузана Периќ, Драгана Грнчарски, Кристина Беквалац, креативните Јелена Јаковљевиќ и Санда Ристовски, но и брендови како Риплеј, Дизел, Гес, Левис, Серџо Тачини, Најк, Адидас, Мона како и 12 дипломци и студенти од студии по моден дизајн.

Шармантната Санда Ристовски за Fashionel вели дека од неа може да очекуваме одлична колекција, откако конечно го нашла совршениот спој на бои и форми.

„По долгогодишно трагање по совршениот спој на бои и форми, настанаа уникатни модели на фустани во целост направени од свила. Новата колекција „Sunny“ претставува спој на уметноста и модата. Сликите конечно излегуваат од галериските простори за да оживеат и за да прошетаат низ улиците, а секој фустан, не губејќи нималку од својата комфорност и функционалност, станува вистинско уметничко дело. Секој фустан од новата колекција има и своја чанта“, вели младата уметничка за Fashionel.

Големото затворање на белградскиот Fashion Selection ќе се случи на 23.април кога всушност и ќе бидат доделени наградите Fashion Selection Awards.

Имено, белградскиот Fashion Selection е една од најпознатите и најдолгоочекуваните манифестации во Србија со долга традиција и квалитет за што говори и сѐ поголемиот број на учесници од година во година.

Објавено:
2 април 2014
Категорија: 
Актуел