Бизарна или уметничко дело: Уште се зборува за креацијата на „Скјапарели“ во Кан

14 јули 2021

Канскиот филмски фестивал ни е еден од омилените настани кога се работи за модата, бидејќи таму секогаш може да се види префинетост, добар моден вкус, но и модна храброст.

Во досегашните изданија, за кралици на Кан биле прогласувани познати филмски диви, како Никол Кидман, Џулија Робертс, Кејт Бланшет... поради нивните впечатливи креации при секое појавување.

Оваа година, на добар пат да се здобие со тој епитет е моделот Бела Хадид.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Bella (@bellahadid)

Таа успеа да го привлече вниманието на јавноста првин со црно-белата креација на Жан Пол Готје, но потоа комплетно да издоминира со црниот провокативен фустан и уште попорвокативен ѓердан од модната куќа „Скјапарели“.

Многумина на оваа креација гледаа како на фантастично уметничко дело. Никој не го критикуваше предниот дел од фустанот, кој комплетно ги открива градите, бидејќи фокусот комплетно беше ставен на ѓерданот, како составен дел од креацијата, секако.

Сакале или не, оваа 3Д позлатена верзија на бели дробови, односно на бронхии и алвеоли комплетно го одзема вниманието. Симболиката која ја пренесува е дека после година и пол соочување со пандемија (која уште не е завршена), затворање дома, маски на лице, а и загадениот воздух кој е проблем многу подолго, конечно сите сакаме да дишеме со полни гради и така да го живееме животот.

Други пак сметаат дека ова е бизарна креација, чија единствена цел е токму тоа - привлекувањето внимание и никаква друга функција нема. 

Креацијата е дело на Даниел Розбери, уметничкиот директор на модната куќа, а уште поинтересно е што овој модел беше презентиран во рамки на неделата за Висока мода во Париз, една недела пред Бела да ја носи на себе.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Schiaparelli (@schiaparelli)

Одличен момент и маркетиншки чекор и за двајцата. Нам ни се допадна овој момент на изненадување или „шок“ како што сакаат некои да го наречат, а токму вакви парчиња што никој не ги очекуваат остануваат потоа впишани во историјата.

Впрочем, овој настан и слични нему, помеѓу другото се во функција и на презентирање на модата, на модни пораки и на уметноста.

А на крајот, секој може да си ја толкува како сака, но плански или не, оваа соработка помеѓу моделот и модната куќа се покажа како повеќе од успешна!

Како вие ја доживеавте креацијата?

Објавено:
14 јули 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.437 пати