Босоногата Анушка Шанкар со одличен настап на „Офф фест“

3 јуни 2013

Доследна на својот стил и сценскиот изглед, популарната индиска ситаристка и композиткорка, Анушка Шанкар и во Универзална сала во Скопје како и на сите останати концерти низ светот, се качи на сцената со боси нозе, облечена во модерен стајлинг , но со традиционален индиски акцент. Автентична како по својата музика така и по својот имиџ, Шанкар беше празник за уши и за очи. Во преполната сала, освен македонските обожаватели имаше многу гости и од странство, кои специјално присуствуваа на концертот на Анушка, која директно од Лондон допатува во Скопје и за првпат на Балканот, по специјална покана на организаторите на „Офф фест“.

Анушка Шанкар е денес една од водечките фигури на т.н. музика на светот, два пати номинирана за престижната награда Греми,  Шанкар беше првиот музичар од Индија што има настапено на доделувањето на Греми наградите  во 2006 година , кога беше номинирана за албумот “Rise”. Подоцна, таа беше најмладиот музичар и првата жена во историјата на Греми, номинирана во категоријата World Music, за нејзиниот албум “Live at Carnegie Hall” од 2002 година. Таа беше избрана  како една од 20-те азиски херои во азиското издание на магазинот ”Time” во 2004 година. Во 1999 година, Анушка  се стекна со Штит на Долниот Дом на Британскиот парламент, како најмлад и единствен женски уметник кој го примил ова одликување.

Програмата на дванаесеттото издание на „Офф фест“ која ќе треа до 6-ти јуни, носи богати фестивалски вечери на кои ќе настапат значајни музичари од Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец. Во продолжение погледнете ја галеријата од овој култен настан.

 

Објавено:
3 јуни 2013
Категорија: 
Актуел