Голема е веројатноста дека видовте барем некоја фотографија од посетата на американскиот претседател Барак Обама и неговото семејство на Аргентина, а како и секогаш, тие изгледаа неверојатно стилски и секогаш позитивни. 

Подеднакво стилско и со неверојатна енергија беше и аргентинското претседателско семејство чии гости беа тие, но прекрасната Хулиана Авада дефинитивно блесна во полн сјај. 

Секогаш насмеана, првата дама на Аргентина успеа во она што денеска малкумина го можат, кога станува збор за првите дами. 

Светските магазини пишуваат дека за прв пат по толку години се случило некој да го надмине стилот на Мишел Обама, која инаку важи за најстилската прва дама во изминативе неколку години. 

Згодната и шармантна Хулијана одушеви со нејзините прекрасни и уникатни комбинации одбрани за средбите со американското семејство кои дефинитивно беа предмет на разговор изминатите неколку дена. 

Американскиот Вог за неа ќе напише дека е современата верзија на единствената Џеки Кенеди, а судејќи според стилот, тие навистина имаат право. 

Шармантната 41 – годишна Аргентинка семејството Обама го пречека во целосно бела комбинација која и прилегаше навистина совршено, а ја надополни со чанта во кафена боја и одлична шминка и лежерна фризура. 

За вечерниот настан со семејството, Хулиана одбра фустан од тантела во сина боја, украсен со сребрени апликации и совршено направен во А – крој. Она што беше интересно е тоа што и првата дама на САД се одлучи за сличен фустан во А – крој во светло виолетова боја, со што овие дами уште еднаш докажаа дека навистина имаат сличен стил. 

Како што многумина ќе кажат, можеби начинот на кој Хулиана знае да ги носи парчињата, а тоа е неодоливо лежерен, е она по што многумина ја препознаваат и обожаваат. 

Инаку, таа е трета сопруга на аргентинскиот претседател Маурисио Макри, а за Хулиана ова е втор брак. Тие се во врска од 2009 – та година, а се венчале во 2010 за една година подоцна да ја добијат ќерката Антонија. 

 

Убавата прва дама е позната во високото аргентинско друштво, а десет години била и во врска со белгискиот гроф Бруно Лаурент Барбиери со кој ја има ќерката Валентина.

Објавено:
28 март 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
4.541 пати