Црна Гора заблеска во гламурот на Кавали

13 јуни 2013

Роберто Кавали завчера во Будва пред ѕидините на Стариот град, одржа спектакуларна ревија, на воодушевување на сите присутни.

На пистата долга 30 метри, се појавија креации од две колекции- пролет-лето 2013 и ретроспектива од црвениот килим. Ревијата треаеше речиси час и половина, а со елегантните фустани, Кавали уште еднаш покажа зошто со години е во самиот моден врв.

Креациите кои ги носеле Џенифер Лопез, Хали Бери, Кејт Мос, Шерон Стоун и многу други, завчера ги видоа дел од највлијателните луѓе од Црна Гора и регионот.

Колекцијата пролет/лето изобилува со голема палета бои, од бела до блескаво црна, како и топлите бои и нијанси на кајсија. Животнскиот дезен по кој овој светски дизајнер е најмногу познат, е рачно изработен, со неизоставни детали од чипка и кожа, а претставени беа и неколку фустани со дезен на крзно.

Втората колекција пак, Red carpet retrospective, во која се обединија најубвите парчиња на дизајнерот, што ги краселе црвените килими, зрачеше со гламур, за кој секако допринесоа материјалите од кои се изработени.

-Сѐ уште не сум запознаен со работата на црногорските дизајнери, но сега Црна Гора ќе ја имам и на ум и на срце, бидејќи сакам да запознам што повеќе луѓе, за да можам да им се претставам што подобро- изјави креаторот.

Ова е најголемото модно случување на Јадранската обала за оваа летна сезона

Објавено:
13 јуни 2013
Категорија: 
Актуел