Да и јас сум „plus size“!

3 јуни 2015

Денеска, повторно низ медиумите проциркулира информација за цензурирана рекламна кампања во модната индустрија.

Овој пат се работи за реклама на престижниот бренд Сен Лоран кој во својата промоција за новиот парфем „Black Opium“ ангажирал манекенка која изгледа преслабо. Според Британската агенција за стандарди, моделката изгледа нездраво слабо и со тоа преку оваа кампања се праќа погрешна порака во јавноста.

Ваквите информации во модниот свет во последно време стануваат се почести. „Идеалот“ на преслаба манекенка како совршен прототип на девојка што особено важеше за модната индустрија во 90-тите години, се повеќе наидува на негодување како во јавноста така и во инсајдерските модни кругови. Но, и покрај тоа, ете еден престижен моден гигант како што е Сен Лоран се решил да ангажира преслаб модел во време во кое се повеќе се тежнее кон постандардни пропорции на девојките што се појавуваат во модните кампањи. Зошто?

Во модната индустрија се поинтензивно се чувствува подвоенста помеѓу брендовите кои остануваат на ставот дека единствено манекенки што запазуваат строги манекенски пропорции ќе бидат ангажирани во нивните проекти, кампањи или едиторијали, и од друга страна  се оние кои тежнеат кон тоа преку политиката на својата компанија да испратат порака во која акцентот е на модели кои се поблиску до стандардните пропорции на обичните жени ширум светот.

Револуционерни промени почнаа да се чувствуваат последниве неколку сезони, кога акцентот е ставен на „plus size“ моделите кои се почесто се ангажираат не само во кампањи типични за брендовите што продуцираат XXL облека, туку и кај брендови кои со тоа прават отстапки и создаваат посебни линии за жени со облини. Да, тоа го бара пазарот!

Но, покрај комерцијалниот момент, тука постои уште едно суштинско прашање: каква порака испраќаат модните гиганти до својата милионска публика и потенцијални клиенти?

Во ова време кога нашето општество буквално страда од декаденција и се поместени комплетните животни вредности, од непроценливо значење е влијанието на модната индустрија преку медиумите.

Особено младите девојки се тие кои постојано се споредуваат со убавиците од насловните страници, а тоа им создава илузија за совршената женска убавина кон која тежнеат. Тоа е и причината за нивните фрустрации што понатаму се одразуваат во другите сфери од нивниот живот и сериозно влијаат на нивната психолошка состојба.

Затоа, ми се чини дека модната индустрија си постави нова мисија: да му покаже на светот дека секое несовршенство е совршено на свој начин, дека секоја аномалија може да се искористи како предност и дека убавите и природни девојки не се секогаш на насловните страници, туку таквите се во вашето соседство, секој ден ги среќавате на вашето работно место, тоа е вашата најдобра пријателка и тоа сте вие!

Објавено:
3 јуни 2015
Категорија: 
Актуел