Во светот на модата Ели Мејдеј, Лора Велс и Керозин Дилакс, се сосема поинакви од своите супер слаби колешки. Тие се plus – size модели и од таа причина станаа тема на документарецот „A perfect 14“.
Во одличниот филм може да ги видиме овие девојки во вистинско светло во нивната борба да изградат име во индустријата во која доминираат строгите стандарди на убавината. Филмот го продуцираа канадските продуценти Џејмс Ерли О’Брајан и Џована Моралес Варгас.
Во филмот, Мејдеј, Велс и Дилакс зборуваат за своите искуства во модната индустрија и дискриминацијата со која се соочиле поради нивната тежина, но авторите на одличниот документарец зборуваат и со модните агенции, модните фотографи и дизајнерите кои во филмот говорат и за перцепцијата на телото во јавноста и за она што останатите го сметаат за убаво.
Во филмот, една од најпознатите plus – size моделки во Канада, Ели Мејдеј, ја раскажува својата животна приказна, вклучувајќи го и моментот кога на само 25 години дознала дека има рак. Сепак, таа успеала да ја победи болеста, а веднаш потоа потпишала договор со позната њујоршка модна агенција.
Во најавата за филмот, Мејдеј се потсетува како низ животот често се чувствувала лошо поради коментарите што ги добивала поврзани со нејзиното тело, сѐ додека не се прифатила себеси онаква каква што е.
Она што авторите сакаат да го покренат како расправа со емитувањето на овој филм, е конечно во светот да се каже нешто повеќе за тоа кои се вистинските стандарди на убавината.
Моментно во тек е акција за собирање на пари за завршување на филмот кој е во постпродукциска фаза.