Демна Гвасалија: Не сакам веќе да креирам големи дуксери со качулки

8 јуни 2017

На неодамнешните CFDA модни награди ултра талентираниот Демна Гвасалија сосема заслужено ја доби наградата за најдобар интернационален дизајнер, благодарение на неговата исклучителна работа во Ветементс и Баленсијага.

Во интервју за Вог тој сега вели дека му е доста од класичните ревиски прикажувања на колекциите, и дека оди чекор напред барајќи други соодветни начини за презентација.

„Мислам дека на модната индустрија и е потребна некоја ренесанса, ново поглавје. Ревиите повеќе не се најдобар начин да ја прикажете својата мода. Јас лично се трудев тие ревии да ги направам интересни, се одржуваа во ноќни клубови, во ресторани, цркви...Ги спојувавме машките и женските колекции, ги прикажувавме пред време, но само се вртевме во круг. Сето тоа некако беше исцрпувачко, заморно и за нас и за публиката“, вели дизајнерот.

Тој додава дека сега одлучил да направи нешто конкретно кога ќе почувствува потреба за тоа, а не затоа што тоа му го налага некој распоред. Како што самиот ќе каже, тоа ќе биде изненадување за сите.

Во интервјуто тој објаснува и зошто минатиот месец целата негова работа ја префрли од Париз во Цирих каде сега се наоѓа студиото на Ветементс.

„Комплетно го променив својот начин на живот. Престанав да излегувам по клубови, а тоа го правев кога живеев во Париз. Цирих за мене е природен рај и едно од најздодевните места на светот. Тоа е супер бидејќи нема толку модни следбеници како што тоа е случај во другите европски градови кои те прават нервозен и постојано бараат да им смислиш нешто ново и тренди. И модата мора да забави малку, да застане. Денеска има многу колекции, многу модели кои се лансираат на годишно ниво“, појаснува Гвасалија.

Денеска, Ветементс е еден од најпопуларните светски брендови обожуван од голем број познати ѕвезди и голем дел од младата генерација.

Дизајнерот кој успеа за кратко време да направи вистински бум во светот на модата, смета дека сега е вистинско време проектот Ветементс малку да се смири.

„Имам чувство дека добивме некое големо бебе за кое мора да се грижиме. За пет години, тоа бебе порасна со неверојатна брзина. Веќе е девојка, а не би требало да биде. Мојата цел е да ја вратам во оние години кои и прилегаат. Не сакам веќе да измислувам волуменозни дуксери со качулки. Ние сме независни, не треба така да се прилагодуваме кон никој“, вели тој.

Тој ќе потенцира и на огромните трошоци кои дизајнерите ги прават кога организираат ревии кои некогаш достигнуваат и до неколку милиони долари, што смета дека е лудо.

Последната класична ревија брендот на Гвасалија ќе ја прикаже кон крајот на јуни во своето студио во Париз, што ќе биде и последна ревија од тој тип.

„Можеби Швајцарија е виновна за овој мој потег бидејќи водам многу здрав живот. Медитирам, трчам и полека станувам луциден и полн со идеи. Мислам дека е најважно да останеш духовно и ментално здрав и да уживаш во животот. Да имаш среќа и да не зависиш од никого. Тоа е најдобро од сѐ во Ветементс“, додава тој за крај.

Извор: Vogue, elle.rs

Објавено:
8 јуни 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
177 пати