Девојче во Индија убиено поради тоа што носело фармерки

27 јули 2021

Неверојатно и поразително е што во 2021 година се' уште се соочуваме со вакви вести. Овој пат доаѓаат од Индија. 

Минатата недела 17-годишната Неха Пасван  била претепана до смрт од членовите на нејзиното пошироко семејство, затоа што не им се допаднало тоа што носи фармерки.

foto: yahoonews.com

Како пренесува нејзината мајка, Шакунтала Деви Пасван во изјава за „Би-би-си", тинејџерката била претепана со стапови од нејзиниот дедо и чичковците, по раправијата околу облеката во нивниот дом во село во областа Деорија, една од најнеразвиените во државата.

„Неха држеше еднодневен верски пост. Вечерта облече фармерки и топ и ги изведе своите ритуали. Бабата и дедото се спротиставија на нејзината облекла, а таа им возврати дека фармерките се направени за да се носат и дека таа ќе ги носи“, раскажува мајката.

Расправијата ескалирала и на крај резултирала со сериозно насилство.

Шакунтала вели дека додека нејзината ќерка лежела во бесознание, нејзините девери повикале рикша и ѝ рекле дека ќе ја однесат во болница. 

Следното утро, слушнале дека тело на девојчето виси од мостот на реката Гандак. Кога отишле да видат, откриле дека тоа е Неха.

Полицијата покренала случај за убиство и уништување на доказите против 10 луѓе, вклучувајќи ги бабата и дедото на Неха, чичковците, тетките, братучедите и возачот на рикшата. Обвинетите се' уште не дале изјава околу случајот.

Таткото на Неха, Амарнат Пасван, кој рабооти како градежен работник во блиската област Лудиана, се вратил дома кога дознал за трагедијата изјавувајќи дека работел напорно за да може неговите деца, вклучувајќи ја и Неха, да ги прати во училиште. 

Мајката на Неха вели дека девојчето сакала да биде полицаец, но дека сега нејзините соништа никогаш нема да се остварат.

Таа додава дека нејзините девери вршеле притисок врз Неха да го напушти училиштето и често негодувале околу нејзината облека, освен ако не се работи за традиционална индиска облека, а таа како и секое девојче сакала да се облекува во помодерна гардероба.

Девојките и жени во Индија се соочуваат со сериозни закани - од сериозен ризик за фетицид (доколку бебето не е машко), па се' до домашано насилство. Според статистиките, во просек, секој ден во Индија се убиваат по 20 жени поради недоволен мираз.

На жените и девојките од малите градови и руралните средини, каде владее патријахат, главните на селото, односно на семејството им одредуваат што ќе носат, каде ќе одат, со кого ќе зборуваат...

Ова е само еден во низата случаи периодов каде животите ги изгубија девојки и млади жени поради баналности, односно таквата поставеност во системот на вредности и општеството.

Поразително е во 21 век да се убиваат, затвораат или тепаат жени поради нивната облека, користење на телефон или танц.

Родовите активисти велат дека патријархатот е еден од најголемите проблеми во Индија, и дека политичарите го споменуваат тој проблем само поради поени, а потоа не се преземаат никакви реални мерки. Тие веруваат една долгорочното решение е девојките да бидат многу посвесни за нивните права.

Во Индија ниту згрижувачки дом или ќуќа не се опција, бидејќи ги има многу малку и тоа во катастрофални услови, па никој не би посакал да живее таму.

Објавено:
27 јули 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.577 пати