Дизајнерот Златко Јовановски отвори ателје во Скопје

20 октомври 2016

Младиот дизајнер Златко Јовановски или познат како JZJ по неколку години работа отвори ателје и во центарот на Скопје.

Како што Јовановски ќе каже, по долг период работа во Тетово и презентирање на колекциите во странство, се отворила потребата за посебен простор и во Скопје.

„Ова пред сѐ го направив за клиентите и сметам дека ова ателје во центарот на градот е вистински чекор. Исто така, многу ми е драго што се усогласивме со архитектот да го направиме просторот во црно и златно, односно да ме отсликува комплетно. Сепак, кога ќе дојдат овде, клиентите треба да се чувствуваат посебно и гламурозно. Да се купи свечен фустан или венчаница е бајка. Посветив внимание и на брендирање на сите детали, на кутиите за бидермаери, на закачалките...“, вели младиот дизајнер.

Неодамна дел од неговата последна колекција беше изложена и во рамки на една групна ревија на Модната недела во Лондон, за што тој ќе каже дека е еден од неговите најголеми успеси.

„Ми пристигна е - маил дека ќе се избираат парчиња облека што ќе бидат изложени на London Fashion Week, па им требаше согласност од мене. Искрено, сето тоа ми беше незамисливо. После кратко време ПР тимот ми соопшти дека меѓу избраните парчиња се и моите. Не можев да поверувам...“, вели дизајнерот.

Јовановски вели дека сега конечно сите негови клиентки ќе можат на едно место да го изберат фустанот што го посакуваат и да уживаат во сите останати поволности кои ги нуди неговото ново ателје.

Објавено:
20 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.810 пати