Доделени награди за најдобрите од богатото македонско фотографско творештво за 2014

7 јули 2014

Во просториите на мултимедијалниот центар од Националната галерија „Мала Станица“ во саботата се собраа голем број љубители на фотографијата како и многу  македонски фотографи. Тие за 52-то издание од „Денови на македонската фотографија“ ги покажаа своите најдобри дела за кои примија серија награди како и Гранпри награда  „Благој Дренков“. Организатори на големата изложба се од Фото сојуз на Македонија, а во истата учество земаа 61 автор.

Прва награда за поединечна  фотографија доби минатогодишниот победник  Трајче Атанасовски  од Скопје, за фотографијата - Hard to explain, втора награда од истата категорија ја освои  фотографот Филип Филиповиќ од  Охрид, за фото делото Aurora , додека трета награда му припадна на Димитар Чунговски од  Битола, за  „Вселенско летало“.  Покрај тоа,  дипломи за поединечна  фотографија им беа доделени и  на Марија Јовановска, Филип Илиевски и  Сашо Алушевски. Победникот Атанасовски за Fashionel  изјави дека како и секој учесник се надевал за награда, а особено му е драго што и оваа година постигнал успех како и минатата.

- Оваа година навистина не очекував награда, бидејќи првото место го добив лани. Фотографијата ја подготвував за друга изложба, но излезе да ја пријавам на оваа  и ете дочекав изненадување. Многу ми е драго што по вторпат добивам награда вели Трајче.

Првата награда за колекција ја доби прилепчанецот Божидар Барлакоски  за три фотографии. Втора награда за колекција прими фотографот  Владимир Арсовски од  Скопје, за колекцијата Flamenco dancer. Трета награда за колекција и беше врачена и на  Еџе Али за колекцијата, Надвор од времето. И во оваа категорија доделени беа дипломи на  Филип Филиповиќ и Дејан Колевски.

-Јас пак воопшто не се ни надевав дека моите фотографии ќе бидат примени, дури мислев дека има некаква забуна во однос на наградата, се додека не ми беше потврдена информација од фото сојузот. Со сигурност ќе продолжам да фотографирам во мојот препознатлив стил на портрети и улични фотографии, ни кажа победникот на колекција фотографии Божидар Барлакоски.

Гранпри или специјалната награда  „Благој Дрeнков“ и беше доделена на Татјана Ранташа, за фотографијата- Носии.

Во категоријата Младинска фотографија првата награда ја доби младиот фотограф Мики Николоски од Прилеп за  фотографијата Дете 2, а дипломи им се доделија и на надежните креативнци Ана Андонова и Ханис Багашов.

Ова не е прва награда на  фотографот  Николоски, минатата година тој освои награда и од Fashionel преку која имаше можност да реализира едиторијал што пред неколку дена имавте можност да го погледнете од содржините на нашиот портал. Возбудата и задоволството кај Мики беа очигледни, а наградата вели дека му претставува огромен стимул за понатамошната работа.

-Искрено, многу ми е драго што од толку голем број фотографии токму мојата беше избрана за прва награда од категоријата младинска фотографија. Секако, ова за мене е мотив плус да се надградувам и промовирам, секако преку одлични фотографии за кои се надевам ќе им се допаднат на многумина, изјави Николоски.

Инаку, во рамките на 35-то издание на „Скопско лето“ќе се постави и изложба на современа бугарска фотографија, закажана за 16-ти јули (среда) од 20.30 часот исто така во просториите на Мала Станица.

Објавено:
7 јули 2014
Категорија: 
Актуел