Долче и Габана се предомислија!

3 февруари 2016

Модното дуо Долче и Габана периодов работи со полна пареа, па освен колекцијата за алта мода, создаде  и нова капсулна, која ја презентираа преку социјалните мрежи.

Стефано Габана на Инстаграм профилот неодамна објави неколку фотографии од најновото од нив што вклучува маици и чанти со цртани ликови. Она што е интересно е што во центарот повторно е семејството и тоа различни типови.

И ако претходната година се најдоа на удар на медиумите поради изјавата дека геј-браковите не треба да посвојуваат деца и како децата од ин витро оплодување се „синтетички“, оваа година го сменија мислењето, па на маиците и чантите има и цртани геј семејства.

Во соопштението за јавност, од брендот велат дека дизајнерите воопшто нема да ја коментираат новата линија и нејзиното значење. Но, толкувањата одат во насока дека колекцијата е ставот на дизајнерите за претстојното гласање во Италија за истополови заедници, како и дополнителни права за родителство во таквите заедници.

Од друга страна, критики пристигнуваат и за цената на чантите, кои се движат над 2.000 долари. Многумина сметаат дека тоа е премногу скапо за ставени налепници на чанта.

 

Објавено:
3 февруари 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
322 пати