Двајца момци создаваат кожа од кактус и супер тренди модни додатоци

8 јули 2020

Глобалната модна индустрија има проблем со текстилниот отпад. Пораките за одржлива мода и еко-систем кој ги опфаќа сите сфери на живеење одѕвонуваат секојдневно - некаде залудно, а некаде мошне успешно.

Сфаќајќи со каков проблем се соочува и природата, модната индустрија, а и луѓето, двајца момци од Мексико, Адриан Лопез и Марте Касарез успеаја од кактус да создадат кожа од која подоцна се изработуваат модерни модни додатоци.

Производите се обединети под етикетата „Desserto“, а како велат, од кожата од кактус може да биде направено буквално сè - од паричници до чевли.

На нивната веб страна објаснуваат дека кактусот може да издржи и ниски зимски температури без да се исуши. Тие ги берат само најзрелите листови на растението, без да го оштетат остатокот од кактусот, а бербите ги прават на секои 6 до 8 месеци.

Тие успале да ја искористат кожата од кактус на повеќе начини, создавајќи чанти, седишта за коли, чевли и облека. Со оглед на тоа дека материјалот е комплетно органски, кожата „дише“, што се покажало како проблем на алтернативите кои се синтентички.

Во процесот на создавање кожа од кактус, велат дека зрелите листови ги оставаат да се сушат на сонце три дена, за да го обезбедат потребното ниво на влага. Потоа, ја обработуваат органската сировина за да направат патентирана формула, потребна за создавање на веганска кожа.

Интересен е и податокот дека кожата од кактус делумно е и биоразградлива и не содржи воопшто пластика во себе, што го прави материјалот уште повреден.

Објавено:
8 јули 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
290 пати