„Ѕирнете“ што подготвуваат македонските дизајнери за претстојниот FWSK (втор дел)

15 март 2014

Во пресрет на овогодинешниот Моден викенд Скопје што ќе се одржи од 1 – ви до 6 – ти Април, направивме кус предвремен преглед на дизајнерските колекции што ќе бидат прикажани на неколку различни локации низ метрополата.

Ако во првиот дел од прегледот бевме сведоци на дизајнерски елегантни парчиња помешани со урбана и тренди облека од дизајнерите Мила Кадриу, Никола Петровски и младата Елена Спасовска, овој пат ве носиме во изолираниот „чаршиски“ свет на девојките од брендот Hard to explain, ексклузивно ви прикажуваме елегантно парче од модната куќа Елена Лука, носиме тренди со Росица Мршиќ, а ги „ѕирнавме“ и материјалите на дизајнерката Лидија Георгиева.

Елена Лука: Модерна силуета обоена со луксуз

Модниот бренд Елена Лука кој годинава прославува јубилеј, пет успешни години, со свое модно шоу на 3-ти април ќе ја презентира новата колекција за пролет-лето 2014.

„Секој аутфит е поврзан со класичниот изглед, но трансформиран со игра на формата во кројот. Користени се високо квалитетни материјали како тафт, свила, сатен, еко кожа во комбинација со златна тантела. Создадов една модерна силуета обоена со луксуз“, Елена Лука ја објаснува насоката на својата нова линија.

За новата колекција изработени се чевли и чанти, што ќе го надополнат комплетниот стајлинг и ќе го зголемат креативниот асортиман на модната куќа.

„Ги користев двете ахроматски бои како контраст заедно со златната која се појавува преку металните детали, свилата и тантелата“, Елена Лука ни ја посочи и колорната карта на колекцијата во која може да се пронајде секоја жена и да го носи парчето што може да ја окарактеризира нејзината личност.

Росица Мршиќ – Создадов стилска облека за жени со софистициран изглед

За колекцијата пролет/лето 2014, дизајнерката Росица Мршиќ се инспирира од конструктивизмот и авангардниот правец во архитектурата. Низ целата колекција се провлекуваат избрани елементи од модниот стил на 80 – тите.

Росица Мршиќ Росица Мршиќ

„Моделите се базирани на тесна фигура со нагласени раменици и технички се усложнети со елементи на конструктивизмот, за да се добијат квалитети како што се прецизност, едноставност и изразена формална чистота. Целата колекција говори со јазикот на функционален дизајн. Со комбинација на детали преземени од машка облека, постигнат е контраст во изгледот на женствената силуета, карактеризирани со симплификација на формата, наместо употреба на декорација. Резултатот е стилска облека за жени кои сакаат софистициран изглед во текот на целиот ден што преминува и во вечерен“, вели Росица за fashionel.mk.

Што се однесува до материјалите, Мршиќ за колекцијата пролет/лето користи природни и лесни материјали, со висок квалитет и доста впечатлив дизајн. За создавање на целата колекција, на дизајнерката и биле потребни околу три месеци.

„Во колекцијата ќе доминираат длабоки нијанси на сина боја, магента, црвена, црна и бела боја. Ќе има и рачно произведени чевли под мојот бренд во неколку бои и модели. Како дополнување на мојата колекција ќе се промовираат и модни додатоци од новата сезонска понуда на Авон со кои остваривме взаемна соработка за оваа сезона“, открива Росица.

Оваа сезона, целата колекција на дизајнерката е наменета за сите жени со изграден стил, без разлика на возраста, жени кои сакаат да поседуваат дизајнирани модни парчиња со кои сигурно ќе се издвојат од масата.

„Раскажувачот“ на Hard to explain ќе ни ја раскаже приказната за „град во градот“

Креативните девојки од модното ателје Hard to explain на претстојниот Моден викенд Скопје ќе ни раскажат една сосема поинаква приказна за Старата скопска чаршија или како што тие ја нарекуваат „град во градот“, од каде впрочем ја црпат и инспирацијата за нивната нова колекција.

Hard to explain Hard to explain

„Токму чаршијата е на еден начин „град во град“ и некако го има оној момент поврзан со бајковитото, со оној останат печат од некое претходно време. Целата колекција ќе се движи во тој правец за сите да можат да го доживеат овој „град во нашиот град“ и ќе има многу бајковити моменти, нормално претворени во моден костим. Насловот на колекцијата е „Раскажувачот“ кој ќе ја раскаже целата приказна за тој „град во градот“ и за сите кои живеат во него и за сите случувања тука. Најверојатно, на самата ревија ќе има и нарација на приказната“, вели Марија Дацевска од брендот Hard to explain.

Она што е интересно во нивната колекција е тоа што истата првично е наменета за сезоната пролет/лето, но парчињата ќе можат да се трансформираат и да се носат во било која сезона.

„Моделите ќе можат да се трансформираат и да се носат преку целата година. Во колекцијата ќе има доволно модни додатоци со кои ќе се маневрира и ќе го има оној момент кога ќе можете да откопчате нешто од моделот или да додадете и да го носите во посакуваната сезона. Што се однесува до материјалите, ќе има свила, кожа и она што е особено интересно, во оваа колекција употребивме и хеклана жица што е доста тешка за работа, но изгледа супер. Боите на парчињата од колекцијата ќе бидат претежно пастелни, но ќе има и по некое сиво парче. Во колекцијата се содржани околу 20 модели и истите ќе бидат наменети за похрабри и посмели девојки“, ни раскажа Марија, посочувајќи ни дека главната цел на нивната ревија/колекција е низ перформанс да се раскаже една посебна приказна за градот Скопје, кој погледнат од нивните очи е сместен на калдрмата во чаршијата и живее една своја посебна бајка.

Лидија Георгиева ќе „допре“ назад кон корените

Дизајнерката Лидија Георгиева за следната пролет/лето сезона се враќа кон корените и сака повторно да ги истражи нејзините првобитни инспирации.

„По бројните искуства во другите области на дизајнот, со задоволство и со нова свежина и се враќам на модата. Овојпат сум во расположение на враќање кон корените и сакам повторно да ги истражам моите првобитни инспирации, да се занимавам со теми типични за мојот универзум. Новата колекција по се изгледа ќе се вика „Допир“, а инаку сите мои колекции се во континуитет“, открива Георгиева.

Сегмент од дизајнот на новата колекција на Лидија Георгиева

 

Нејзината нова колекција што ќе ја претстави на овогодинешното издание на Модниот викенд Скопје ќе биде за секоја сезона, со оглед на тоа што и самата дизајнерка посочува дека таа секогаш работи интерсезонски дизајни што можат да се носат преку целата година, освен плетените капути и кожените ракавици.

Во однос на боите и материјалите што дизајнерката ги користела за својата нова колекција, таа посака тоа да остане изненадување. Кога ја запрашавме за кого се наменети новите парчиња од колекцијата, таа ни потенцираше дека секогаш сака да создава облека/дизајни што излегуваат од рамките на возрасните ограничувања. Она со што ќе не почести во новата колекција, ќе бидат и интересни модни додатоци за кои таа ќе каже дека вовела нова материја, а резултатот е „доста естетски издржан“.

Објавено:
15 март 2014
Категорија: 
Актуел