Цел месец низ светот царуваше фудбалската треска. Фудбалот уште еднаш докажа дека е навистина најважната споредна работа во светот, а овој месец и не само споредна туку и најважна. Конечниот триумф беше ветувачки и апсолутно не разочара никого. Во финалето играа репрезентациите на Германија и Аргентина кои машки ги измерија силите и на најдобар можен начин ги бранеа боите на своите земји. Сепак, статуата на Христос Искупителот која е значително светско обележје им донесе поголема среќа и успех на Германците кои во 113-тата минута од натпреварот благодарение на младиот Геце успеаја да ја затресат мрежата на бестрашниот голман на Аргентина, Ромеро и дадоа гол кој беше одлучувачки и им го донесе златниот куп во рацете.
Како што беше најавено, златниот куп, беше сместен во куферот специјално изработен од модната куќа на Луј Витон, а пред почетокот на натпреварот го донесоа, бразилскиот топ модел Жизел Бундшен која носеше сино-бел фустан потпишан од Луј Витон и поранешниот шпански репрезентативец, Карлос Пујол.
Гламурозната страна на шампионатот им припадна на плејадата познати личности кои директно го проследнија финалето. Пејачката со колумбиско потекло Шакира, пред почетокот на официјалниот натпревар со својот настап и ја загреа и онака еуфоричната толпа навивачи. Шакира ја испеа годинешната химна на шампионатот, песната La La La, која впрочем беше и специјално напишана за ова Светско првенство. Пејачката ги истакна своите заносни облини во црвен долг фустан со светкави ленти во горниот дел и реси во долниот дел. Колумбијката имаше засилување на музичката сцена. Атмосферата дополнително ја загреаја и музичките перформанси на Карлос Сантана, Виклеф Џин, Александар Пирес, Ивете Сангало, Карлинос Браун и нејзиниот син Милан, кого Шакира го има од бракот со репрезентативецот на Шапнија и Барселона, Жерар Пике.
На трибините можевме да ги видиме Дејвид Бекам кој беше во друштво со своите три сина Бруклин, Ромео и Круз. Тие сите заедно навиваа за Аргентина. До нив седеше легендата на бразилскиот фудбал големиот Пеле и поранешниот играч на Милан и Реал Мадрид, Рикардо Кака. Во удобните вип ложи беше и позната пејачка од Барбадос Ријана, која несомнено ја покажа својата навивачка страст кон фудбалот.
Неа друштво и правеше ангелот на Викторија Сикрет, моделот Андријана Лима. Ерос Рамацоти кој неодамна се ожени реши медениот месец заедно со својата жена Марица Пелегринели да го помине во Бразил, па не ја пропушти можноста да биде дел од ѕвездената толпа на големиот натпревар. Како дел од славната армија беа и актерот Ештон Кучер, Изабел Гуларт, Александра Амброзио, Жизел Бундшен со сопругот Том Брејди , Мик Џегер, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Русија Владимир Путин и многу други.
Особено интересен беше фактот што на најблиските ложи до теренот седеа семејствата на германските фудбалери, кои после завршувањето на натпреварот веднаш отрчаа за да ги прегрнат своите херои. Дел од светските медиуми, дури објавија дека овој гест им даваше посебна сила на Германците и им ја донесе четвртата фудбалска титула во историјата на фудбалот. Меси, репрезентативецот на Аргентина беше прогласен за најдобар играч на мундијалот, а германскиот голман Нојер, за најдобар бранител на голот. Највозбудена, се чини беше германската „челична“ дама Меркел, која не престана да аплаудира, да ги бодри своите играчи и на крајот не ги штедеше ниту прегратките, ниту бакнежите и гордо позираше пред фоторепортерите.
После вчерашната победа на Светското Првенство, Германците освен што го зедоа златниот куп, тие добиваат и златни слушалки од компанијата Beats by Dr. Dre. Уникатниот подарок, имаше чест да го претстави светскиот топ модел Наоми Кемпбел. За фотосесијата која беше специјално изработена за да се промовира оригиналниот подарок, манекенката е целосно облечена во злато, златен фустан со должина до над колена која ја следи линијата на телото, златни мрежести сандали на висока потпетица, во рацете држи златна фудбалска топка, а на главата ги носи златните слушалки кои набрзо ќе им бидат испорачани на играчите од националниот германски тим. Едиторијалот го изработи фотографот Ранкин.
И за крај, на ова прекрасно спортско дружење, ги побивме стереотипите дека жените и девојките не гледаат фудбал. Судејќи според фотографиите тие се можеби не само најстрастните навивачи туку и најкреативните судејќи по инвентивниот начин на кој си го цртаат лицето и комбинирањето на облеката, каде доминантен избор на модно парче беше несомнено дресот.
Погледнете ја галеријата и видете го сублиматот на впечатоците низ фотографии од вчерашниот голем светски ден не само за фудбалот туку за целото човештво.