EL Couture: Стотици часови рачна изработка преточени во оваа раскошна креација

26 јануари 2021

Во Париз во моментов се одржува недела на Висока мода - време за моден восхит.

Зборот „haute" во превод значи висок, елегантен, а неговото дополнување - „couture", значи шиење, но она што е во сржта, со што една креација може да го носи овој додаток е рачната изработка.

И честопати кога светските модни куќи сакаат да ја истакнат „тежината“ на изработената креација, потенцираат колку часови рачна работа е вклучена.

Макотрпна, а истовремено и толку магична.

Ваква посветеност може да се најде и на домашната модна сцена. Ѕирнавме во ателјето на домашната модна куќа, Елена Лука, каде се соочивме токму со таков моден израз - уметнички и уникатен.

Оваа креација е доказ како рачната изработка може да направи еден добро познат сирена крој, да изгледа сосема поинаку. Несекојдневно. Восхитувачки.

Се работи за фустан комплетно рачно изработен. Како велат од модната куќа, за неговото создавање биле потребни повеќе од 200 часа работа - тоа значи повеќе од 200 часа посветеност, фокус, љубов, визија...

Креација е изработена во исклучително деликатна мулаж техника, која подразбира изработка на кројот директно на кројачката кукла и најчесто вклучува набори, односно драпирање. Бенефитот кој се добива од овој мајсторски изведен процес се 3D уникатни форми резервирани само за најистенчените вкусови во модните кругови.

Горниот дел пак, вклучува прерамки, кои дополнително се збогатени со рачно и одделно изработени гранчести форми, кои потоа се збогатени со рачно везени кристали. 

Странично, фустанот содржи транспарентни елементи, што внесуваат нишка на смелост и сексапил.

Жената, уметноста на женското тело како инспирација, придонесоа оваа несекојдневна, свечена креација да обединува неколку епитети - префинетост, гламур, нежност - но и моќност, мистериозност - но и откривање, восхит и страст.

Погледнете. Навистина е „dress to impress“ нели?

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk)

 

Објавено:
26 јануари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
468 пати