Елена Лука и Игор Џамбазов приредија празнично изненадување

24 декември 2014

Салонот на Елена Лука вчеравечер беше исполнет со луѓе кои сакаат да уживаат во искрен пишан збор и уникатен дизајнерски израз. Симболичната поврзаност на метафоричниот наслов на неговата нова книга „Облечен човек“ со модниот бренд, го направи изложбениот салон на брендот во Сити Мол логична и совршена станица во неговиот книжевен маратон.

Вечерта започна со интересен танцов перформанс на музиката на легендарниот Игор Џамбазов, кој пак беше расположен на сите обожаватели и пријатели да им напише посебна посвета во неговата книга на подарок и да размени по некој народски збор.

За Fashionel тој потенцираше на логичниот редослед на неговите книги:

-Облечен човек е стара идеја. Всушност, облечениот човек настана во истиот момент кога заврши голиот човек. Се разбира дека голиот човек еден ден мораше да биде облечен. И ментално и физички. Поминаа точно 10 години од издавањето на гол човек и  мислам дека тоа е добар период за да се случи облекувањето на истиот. Исто така, преку книгата сакав да им покажам на новите генерации дека порано добро се живеело и без Фејсбук, Твитер, мобилни телефони и слично и мислам дека успеав во намерата – изјави Џамбазов.

Што се однесува до неговиот нов изглед, тој не криеше дека е среќен поради соработката со „Елена Лука“.

- Не сум некој што се оптоварува со тоа како изглед, но ете се појави Весна Петрушевска, која пак ја наговори Елена Пандева да ми помогне да не изгледам како параспур, што би рекле моите рурални Македонци (смеа). Ете, сега иако имам неколку килограми повеќе во облините, тие што се задолжени сега за мојот изглед ми рекоа дека тоа што знам дека изгледам добро во новите руби, ќе ме натера и да подослабам малку – вели Игор во негов стил.

Сопственичката на модниот бренд Елена Пандева исто така беше расположена да ги поздрави сите присутни, кои несомнено ги израдува со овој несебичен и празничен гест.

-Многу го почитувам Игор Џамбазов. Сметам дека неговите дела се фасцинантни, ретко кој би се разголил толку за својот живот, би ги распослал сите искуства на отворени страници... Бев многу радосна кога се појави со ова ново дело, „Облечен човек“ и сметав дека е убав спој да го направиме ова другарување во салонот на Елена Лука во Сити Мол, особено инспирирајќи се од насловот. Исто така, се инспириравме и од реалниот живот, од тоа дека Елена Лука е народен бренд, како што и делата на Џамбазов се народни... Разговаравме на теми поврзани со неговата работа и работата на Елена Лука . И заклучивме дека е убаво да направиме заедничка соработка. Елена Лука како бренд од неодамна стои зад него и се грижи за неговиот изглед. Веќе имаме договорена соработка, а се надеваме дека во иднина нè очекуваат уште поголеми проекти, и со модата и со неговата работа.

А на прашањето тешко ли е да се „облече“ Игор Џамбазов, таа вели:

-Од една страна, ќе бидам искрено и ќе кажам тешко. Духовно, внатрешно тој е многу облечен со многу искуства, изграден како личност, има харизма и зрачи толку многу, што не може да се сокрие со ниту една облека. Но, од друга страна, од професионална гледна точка, сметам дека не, бидејќи има своја конституција, свој изглед, ја има и зрелоста, така што не беше тешко да се одбере како да изгледа. Сметам дека сме на вистинскиот пат.

35

Меѓу присутните беа и дечињата од Домот без родители „11 Октомври“, а секое од нив доби на подарок книга од авторот со посвета, како и Ирена Спировска, Миланка Рашиќ, Дамјан Дренковски, Мики Црнокрак и многу други...

Во продолжение погледнете дел од атмосферата од вчерашното топло предновогодишно дружење:

Објавено:
24 декември 2014
Категорија: 
Актуел