Во холот на хотелот Александар Палас денеска се одржа долгоочекуваната промоција на книгата „Ова не е крај“ посветена на ликот и делото на македонската поп икона Тоше Проески, кој на денешен ден требаше да наполни 33 години. Со присуството на голем број негови фанови, соработници, пријатели и познаници уште еднаш се потврди дека љубовта и почитта која сите ние ја негуваме кон нашиот ангел е голема и после седум години од неговото заминување. Освен ексклузивната промоција на книгата беше претставен и видео записот сниман во 2006 година за песната на српски јазик „Жао ми је“ која е дел од носачот на звук „По тебе“.
„Горди сме на овој проект и ова луксузно издание во кое покрај фактите за кариерата на Тоше и дел од приватниот живот збогатено е и со многу фотографии, од кои поголемиот дел досега не се објавени. Веруваме дека читателите нема да останат рамнодушни“, изјави претставник од фонданцијата Тоше Проески.
Поддршка за реализација на овој проект овозможија фондацијата Тоше Проески, Министерството за култура, а честа комплетно да ја напише и припадна на Соња Неделковска.
„Станува збор за едноставна приказна, откорната од срце не само од мене туку и од сите соговорници, кои ги споделуваат своите сеќавања за Тоше од неговото најрано детство па се до моментот на неговото заминување, а се повеќе од 80. Мислам дека ќе ги исполни очекувањата пред се на фановите, бидејќи луксузната едиција и фотографиите прават ова дело да изгледа како светските едиции. Чувството да се биде автор на едно вакво издание е многу тажно и многу одговорно. Со месеци го барав вистинскиот стил на пишување и сфатив дека треба да побегнам од новинарскиот стил и да продолжам да ги редам спомените на Тоше еден по еден. Им благодарам на сите, на семејството Проески без кои оваа идеја немаше да се реализира, неговите пријатели и сите личности кои на некаков начин биле дел од неговиот живот“, вели за авторката за fashionel.
Низ реката народ го забележавме внукот на Тоше, Кристијан кој вели дека е пресреќен за реализацијата на овој проект, бидејќи секоја музичка легенда заслужува да добие едно вакво издание.
„И јас сум еден од соговорниците. Ми се допаѓа тоа што Соња ја направи книгата, бидејќи таа беше една од луѓето кои од самиот почеток беа дел од неговиот живот и ја пратеа неговата кариера и мислам дека подобро од Соња тоа не може да го направи“, рече Каролина Гочева.
Актерката Весна Петрушевска многу емотивно ја доживеа промоцијата.
„Па мислам дека конечно требаше да се создаде еден производ затоа што тој заслужува да биде дел од нашето секојдневие, да го имаме во нашите библиотеки и да оставиме едно предание кое што Соња го напиша и го собра од сите нас. Тажно е се ова, мене ми е многу тажно и ми недостасува секој ден, многу често го слушам, затоа што сметам дека на тој начин го славам неговиот живот. Има едно посебно место за него кај мене во мојот живот и ќе ме врзуваат многу работи, можеби требаше и порано ова да се случи но се си има свое време“, додаде Весна.
Како главен поддржувач и промотор на ликот и делото на Тоше со своето присуство не почести и министерката за култура Камческа-Милевска која е особено горда на проектите кои се во насока на негување на благородничката мисија на Тоше Проески, бидејќи придонесот што тој го остави зад себе е огромен и сите ние треба да продолжиме да го негуваме неговиот лик и дело.
„Ме радува што и спомен куќата на Тоше е еден проект кој што ја отсликува таа благодарност на сите граѓани кон неговата личност и сето она кое што го остави Тоше како дел од нашата колективна меморија. Спомен куќата ќе отвори нова музејска поставка со нови предмети кои што ќе привлечат уште поголема посетеност. Исто така сакам да информирам, дека со поддршка на фондацијата и министерството за култура од ова година од месец октомври ќе почнеме да реализираме еден интернационален меѓународен фестивал што ќе го носи името Тоше Проески и каде се надевам и сум убедена дека голем број на млади таленти кои ќе земат учество на фестивалот ќе продолжат по неговиот пат и ќе станат силни уметници.
Завршуваме со еден фрагмент од книгата: Да имам огромна моќ, па макар и за кратко, ќе направам да исчезне омразата и злото, а луѓето меѓусебно ќе си делат само љубов. – Тоше Проески