Ердем Моралиоглу: Мајстор за спектакуларни креации на црвениот килим

5 декември 2013

На престижните британски модни награди, дизајнерот со турско – британско потекло Ердем Моралиоглу ја доби наградата за Најдобар дизајнер на тоалети за црвениот килим. Познатиот моден дизајнер ја освои наградата во чија категорија имаше многу голема конкуренција – фаворитот Викторија Бекам и дизајнерот Антонио Берарди.

Ердем е роден во Канада, но многу години работи во Лондон. Неговите креации изгледаат лежерно, лелеаво и без многу непотребни детали.

Неговите дизајни се едноставно совршени, тој создава фустани со форма што не е ниту премногу тесна, ниту премногу широка, туку полна со флуиден волумен. Заштитниот знак на скоро сите негови креации се неверојатните принтови што познатите ги обожаваат.

Креациите на Ердем наликуваат на некоја тродимензионална, бајковита приказна. Тој успева да создаде совршен крој од секој материјал, комбинација од секој принт и неговата омилена тантела.

Помеѓу неговите најверни клиенти не се само актерките како Дајан Кругер, Никол Кидман, Сиена Милер и други, туку и членовите на европските кралски семејства, а на неговите креации особено е „слаба“ војвотката Кејт Мидлтон.

Објавено:
5 декември 2013
Категорија: 
Актуел