Во присуство на најблиските, пријателите и медиумите, младата дизајнерка Евгенија Зафировска вчеравечер ја претстави својата прва модна ревија.

Она што присутните можеа да го видат беше ретроспектива на нејзината досегашна работа, што имаше можност да ја презентира во Словенија, каде и ги заврши студиите по моден дизајн, потоа Хрватска, Германија, а сега и Македонија. Но, и нешто друго.

-Главниот повод  за ревијата е дипломирањето и последната колекција која имавте  можност за првпат да ја видите. Пред да продолжам со студиите сакав пред  домашната публика да ги претставам моите почетоци на студирањето сè до денес. Публиката имаше можност да го проследи мојот креативен развој, како се преплетуваа идеите, како чекор по чекор го изградив својот стил. Како на секој млад уметник така и мене претставувањето на сите овие случувања ми е голем предизвик заради надградувањето на моето знаење, стекнување и размена на искуства и начин на организирање на разни манифестации – вели Зафировска.

Дипломската работа вклучува изработка на капи, односно ламби, изработени со интересна техника:

-Изработив перфорирана кожа, преку која се отсликува македонската традиција. Мултифункционалноста на изработките  инспирирани од македонската традиционална носија, се вкрстува истовремено во капа и абажур на ламба. Колекцијата е составена од  6 капи ( ламби). Секоја изработка има уникатен перфориран вез. Инспирација ми беа и македонските опинци. Во Старата Скопска Чаршија научив да изработувам опинци , а потоа започнав на истиот принцип на мој начин со плетење на кожата. Парчињата облека ги следат органските линии на капите (ламби) – ни откри дизајнерката.

Ова не е првпат таа да вметнува традиционални техники и мотиви во својата работа, а ја прашавме од каде мотивот за комбинирање со авангардните парчиња кои ги создава:

-Македонската традиција изобилува со најразлични носии, богат вез, уникатни опинци кои сакам преку моите дизајни да ги доближам и на луѓето надвор од нашите граници. За првата колекција на која ми беше инспирација македонската носија, акцентот го ставив на линиите. Кроевите го следат женското тело, тоа е еден од елементите на дизајнот со кој се разликува од носијата. За оваа колекција користев мешавина на свила со кој моделите добиваат свечен изглед.  Македонскиот традиционален вез како мотив е рачно изработен во целата колекција. Како што напоменав, во дипломската работа  изработив перфорирана кожа, преку која се отсликува македонската традиција. Мојот стил наметнува секогаш несекојдневни екстравагантни линии, зад кои често се крие инспирацијата од македонските мотиви. Таква е и последната колекција на модни додатоци. Везени црни  чанти, пеперушки и прстени, чија основа е црна, а деталите се во црвена и бела боја – објаснува Ена.

Сите креации беа проследени со коњски опавчиња врзани со коноп и шминка во земјени тонови.

-По успешната соработка со Ангела Стојоска и Сашка Кузмановска, остваривме повторен контакт за вчерашната ревија. Се надополнувавме со идеите за шминка и фризура. Идејата за коњското опавче да биде преплетено со коноп ги следеше моите креации. Земјениот мејкап се надоврзуваше во дизајните со тоа што соодветно се вклопи во целокупниот изглед  - смета Зафировска.

За крај, ја прашавме што следи после оваа ревија во Скопје и дипломската работа во Љубљана.

-Мојот моментален план е да продолжам со магистерските студии во Љубљана. Што се однесува до соработката и презентирањето на моите модели сакам да се презентирам и кај нас, но секако дека искуствата кои досега сум ги имала и надвор од државата придонеле да имам поширока визија за моите идеи. Иако повеќе време поминувам надвор од нашата држава поради студиите и учествата на различни манифестации, сепак инспирацијата ја црпам од македонската култура. Најубавата презентација е кога си меѓу своите.

Објавено:
16 септември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.759 пати