Expо 30: Три децении македонска мода преку документарен филм и ревии

17 септември 2021

После долго време, конечно во главниот град се случи настан кој ја става македонската мода во фокус. Вчеравечер на терасата на Музеј на современа уметност, беше одржан „Expo 30“.

Имавме можност, после подолга пауза, да се сретнеме со дизајнери, новинари, луѓе од модната фела и да размениме мислења.

Една од темите кои го привлекоа вниманието секако беше документарниот филм (кратката верзија) со кој се направи ретроспектива на трите децении македонска мода. Дизајнерите Александар Ношпал, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, моделите Надица Георгиева, Снежана Богдановска - Сани, Алек Наумовски, потоа Цаци Паковска, Дарко Мораитов, Света Богова Јовановска од Моден викенд Скопје, фотографското дуо Ани и Дими, како и дел од новата генерација дизајнери меѓу кои Јована Филиповиќ, Мите Занов, Игор Марков, се обидоа секој од своето гледиште, да објаснат во каква насока се движеше модна сцена кај нас.

Се начнаа темите за распаѓањето на текстилната индустрија со која се гордеевме, златното време на Модниот саем, на згаснувањето на истиот, потоа појавата на индивидуални дизајнери, ателјето, „Моден викенд“ како манифестација, најдобрите негови изданија, дел од емисиите и весниците кои влијаеја на пласирањето на македонскиот дизајн. 

Филмот има и долга верзија, која ќе добие и телевизиско емитување. Иницијатива за поздрав, за конечно да видиме каде сме биле, каде сме сега и каде е иднината на македонската мода. Три децении се малку или многу, зависи како сакате да го сметате времето и со што го споредувате, но според она што го слушнавме, видовме и на што се потсетивме, како и според реакциите на присутните, се покажа дека еден ваков обид е недоволен за да ги опфати сите сегменти, учесници и случувања во годините по остамостојувањето на Македонија.

Сепак, не може да не се нагласи дека е добра иницијатива и поттик за понатамошна разработка во која би биле опфатени и теми кои сега можеби недостасуваа поради ограничената рамка, како развивањето на блогерската сцена, како модата се третира во медиумите денес, (не)постоењето модно заедништво и генерално поставувањето на прашањето дали воопшто случувањата денес можеме да ги обединиме под синтагмата „модна сцена“.

Остатокот од вечерта продолжи со презентацијата на пет дизајнерски имиња, со различен естетски сензибилитет, поддржани со музичка подлога од пет различни диџеи. 

Никола Ефтимов

Беше убаво после долго време да се види ревија на Никола Ефтимов, кој се претстави со колекцијата (Лични) деклинации и (емотивни) цитати. Она што го видовме претставуваше сублимат од техники на изведба, инспирации, различни модни концепти кои ја буделе љубопитноста на дизајнерот. Вреди да се напомене ддека колекцијата е мешавина на спонтан и игрив мулаж и рамно кроење, а дел од облеката е реализирана со рачно шиење. Исто така, на дел од парчињата беше воочливо и рачно сликање, а дизајнерот во процесот на реализирање се користи комбинирање на ткаенини со различни текстури. Мотивот каро доминира и тоа во повеќе варијации.

Дополнителен впечаток оставаат и модните додатоци изработени од дрвена мониста. Она што можеби најмногу ни го привлече вниманието се рачно сликаните корсети, кои изгледаат уметнички, дури на моменти и архаично, но совршено можат да се вклопат и во актуелен моден контекст. Колекцијата е посветена на сите дизајн учители на авторот.

Лудус 

Модната марка „Лудус" ја претстави колекцијата „Постродовост IV"за есен-зима 2021/22, четвртиот дел од серијата колекции во кои серазработува футурстичката визија на општество без родови улоги. Ова е најодржливата колекција на „Лудус" досега, како резултат на заложбите на брендот за продлабочување на еколошкото и одржливо производство. Би рекле дека ова е можеби една од најзрелите колекции на Драган Христов, каде ја продлабочува темата за еколошко и одржливо работење, а во контекст на тоа видовме парчиња со рачна изработка од памук, волна и волница - џемпери, елеци, фустани.

Чевлите изработени од остатоци од кожа само ја дополнуваат оваа модна приказна во која се споени  традиционалното македонско занаетчиство, локално набавени материјали и волница и рачни вештини од мајстори - соработници на брендот.

 

Росица Мршиќ

Росица Мршиќ ја претстави колекцијата „Dreamy Passage“, 25 колекција на дизајнерката, која ја спојува женственоста карактеристична за нејзиниот моден израз, со поопуштен изглед, но внимателно конструирана, воведена за да ја претстави потребата од радост и сонување. Идејата за патување низ времето преку креациите го враќаат гледачот во времето на романтичните денови на медитеранската ривиера, во комбинација со нови современи изрази.

Силуетите се софистицирани, а дизајнерката својата замисла за пријатно сонливо патување ја реализира со креации во пастелни нијанси, нежни принтови, кои асоцираат на пролетна раздвиженост искомбинирани со модни додатоци со нејзин потпис. Ретро елеганција сместена во актуелен контекст.

 

Евгенија Зафировска

Оваа млада и талентирана дизајнерка често инспирацијата ја црпи од архитектурата, различни занаетчиски техники и еко-модата. И токму овие три сегмента се испреплетени и во нејзината најнова колекција насловена како „The Beginning“. Симболичен наслов посебно во ова време, а со доза на оптимизам што ја носи секој почеток, во колекцијата се забележува повеќе боја од вообичаено. Воедно, впечаток оставаат техниките на рачна изработка имплементирани во самите креации или пак во модните додатоци. 

Инспирирана од апстрактниот елемент кој нè потсетува на скалила или мал аудиториум, пример за спој помеѓу инфраструктурната функција и јавен објект MO·NU·MENTS, претставува практична соработка, истражување и заштита на архитектонското наследство и израз на нашето убедување. Проектот Othernity со наслов MO·NU·MENTS е претставен на Венециското биенале за архитектура со придонес од Архитектонското студио KONNTRA. Архитектурата на иднината може да се гради врз минатото за да се постигне соодветна флексибилниост, одржливости силни врски на идентитет.

На крајот, дизајнерката преку кроевите и пристапот порачува дека модата и архитектурата трпат промени, реагираат, се приспособуваат и ја докажуваат својата еластичност.  Парчињата од колекцијата и скалите се преплет на дизајн кои ја трансформираат перцепцијата на просторот. Уникатен процес во кој што се објаснува дека новата ера на луксуз значи да се биде општествено и еколошки одговорен.

 

 „Маригуча“

Првата вечер на EXPO30 ја заокружи модната ревија на „Маригуча" со колекцијата Oblivion (State od Obscurity) во која дизајнерката Нела Тодоровска истражува како работничката облека да ја претопи во модерна. Со појавата на првите работнички облеки во минатиот век, се појавува бранот на универзалната облека, која што со мали измени ја прифаќаме и денес. Оваа колекција обработува една работничка облека од минатиот век, комбинирајќи примеси од панк културата и сајбер модата.

Со појавата на работниците се појавува и облеката која е универзална и почнува да се произведува во масовна продукција. Се губи идентитетот на самата облека, а тоа се одразува и на губењето на идентитетот на личноста. Таа универзална мода полека се наметнува и на капиталистичката класа, до оној момент каде што не може да се препознаат ниту класните разлики, бидејќи сите се облечени
униформирано, а тоа е задачата на модата, да наметне тренд. Таа универзална облека за да
добие некаква карактеристика во оваа колекција, поминува низ некаков фабрички деконструктивизам.

„Сега модата е обликување со пластична корекција на телото, што придонесува да се губи допирот со уметноста во неа. Концептот на поврзување на облеката со пораката која треба да биде испратена на љубителите на облеката е изгубен некаде во таа меѓу зона на
сивилото во заборав. Само преку танц во сивилото може да ја следиме пораката преку облеката. Порано се разбирала пораката на облеката, сега се праќа сигнал за телото, а тоа создава замаглеана состојба и со тоа се продава телото, а не облеката", објаснува дизајнерката.

Ди-џеите Зоки Бејбе, Бранчез, Флудер, Дела и Вишко беа музичка подлога намодните ревии, а потоа со свои ди-џеј сетови ги забавуваа гостите кои во експозоната дегустираа пијалоци и деликатесни производи од десет македонски компании.

Денеска ќе се одржи вториот дел од настанот, кој вклучува нови шест ревии. Настанот е во рамки на проектите поддржани од Влада на Република Македонија по повод 30 години независност на државата, а во организација на „Ботега Евенти“.

 

Објавено:
17 септември 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
976 пати