Fashionel ги одбра најстилските личности во деловниот свет за 2019 година

4 февруари 2020

Традицијата за избор на Најстилски маж и жена, Fashionel ја продолжи и годинава, овојпат со акцент на деловната сфера.

Невербалната комуникација во светот на бизнисот ја носи една од клучните улоги во генералниот процес на комуницирање, што пак има големо влијание во остварувањето на крајните резултати.

Затоа визуелниот имиџ на професионалците во деловниот свет е од исклучително значење. Следејќи го ова начело, годинава направивме избор на Најстилски маж и жена во бизнис сферата, сакајќи да укажеме на позитивен пример како треба да се негува деловниот имиџ.

Земајќи ги во предвид нивната конзистентност, став, секогаш одмерен и елегантен стил, почитување на деловниот дрес-код, но истовремено останувајќи доследни на својата индивидуална препознатливост, нашиот годишен избор за Најстилски личности во деловниот свет за 2019 година се г-ѓа Ленче Карпузовска, главен менаџер на секторот за комуникации во ЕВН и г. Горан Митров, менаџер на ателјето на модната куќа „Елена Лука" во Струмица.

„Сакам да им честитам на нашите годишни избраници за најстилски личности во деловниот свет и да го поздравам нивниот однос и препознавање на исклучителното значење на личниот деловен имиџ. Неслучајно успехот ги следи оние кои целосно се посветуваат на секој сегмент од нивниот бизнис концепт, а визуелниот имиџ неминовно е значаен дел од целосната слика за успешна деловна личност", изјави г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на „Елена Лука".

Приликата ја искористивме и за разговор со наградените во кој тие ни ги откриваат нивните гледишта во однос на релацијата помеѓу репрезентативноста, стилот и бизнисот...

„Благодарам за оваа награда, среќна сум и изненадена. Затоа што некој, и тоа не било кој, туку некој кој што се наметна како предводник на модните вести, да ми даде таква награда е навистина чест и задоволство. Изненадена, затоа што има многу дами, госпоѓи, посебно во деловниот сектор на кои им се воодушевувам и восхитувам, како знаат да го негуваат својот стил и личниот печат, да бидат уникатни, а професионални. Не сум очекувала дека некој може тоа и кај мене да го препознае и за тоа сум ви многу благодарна. Како што еволуира сè во светот, така и во модата, сега новите трендови го отфрлаат строго и здодевно однесување во облекување, иако сепак треба да се запазат некои правила, на модерно, опуштено, но сепак професионално. Во компаниите, организациите постои дрес-код што мора да се испочитува, затоа што вие како соработник или било која улога да имате, мора да оставите сериозен тон во она што го зборувате и така да ве доживеат. Облеката е таа што комуницира со околината и таа може да одговори на некоја ситуација. Она што не треба да се дозволи е тој дрес-код да е „прегласен", од бои, материјали, што создаваат немир и непријатно чувство на останатите, и секогаш треба да се настојува, барем јас тргнувам од себе, облеката да биде удобна, за да може лесно да се движиме и да успееме да ги завршиме задачите за кои сме таму", ги споделува своите впечатоци и видувања на тема деловен дрес-код, г-ѓа Карпузовска.

На темата се надоврзува и г. Митров.

„ Благодарам за наградата, чест ми е што најголемиот моден портал во Македонија ми ја доделува. Сепак, на домашен терен е најтешко и не очекував дека ќе се случи, па оттаму ми е уште подраго. Работата и деловниот моден кодекс го истенчи мојот моден вкус, посебно имајќи предвид дека „Елена Лука"обрнува огромно внимание на квалитетот на изработка, па оттаму влијаеше и врз квалитетот на мојот стил. Мојот дневен стајлинг зависи од тоа како се чувствуавм, но секогаш внимавам на тоа да биде во склад со модниот бон-тон на компанијата. Сметам дека добро облечен маж во комуникација со жени си ја прави магијата", изјави г. Митров.

А во однос на тоа колку деловниот стил се инфилтрира во приватниот, г-ѓа Карпузовска вели дека свесно или не, деловниот имиџ има влијание и во другите сфери од секојдневието.

„Секоја ситуација бара соодветен одговор. Но, факт е дека ако имате свој личен стил, тој ќе го додадете во сите ситуации. Барем јас така правам, а тоа произлегува од постулатот што сте си го поставиле за тоа како треба да изгледате", вели нашата најстилска дама која претпочита да носи дизајн на македонски брендови.

„Елена Лука ми е врвот во македонскиот дизајн, бидејќи е уникатна, посебна, има свој печат и може да се најде за секоја пригода. Претпочитам и други македонски брендови, а сакам бидејќи ми е драго што некој на овие простори креира, а вие можете да најдете за соодветни цени да си го приуштите она што сакате да го носите и што сте вие. Не е поентата да купуваме скапи странски брендови во кои не се пронаоѓаме, што не знаеме да ги носиме, туку да најдеме начин македонските производи кои што исто така се светски, да се носиме со нив", додава нашата соговорничка.

Во однос на индивидуалниот имиџ, г. Митров подвлекува дека во денешно време влијането на социјалните медиуми е забележително.

„Врз мојот индивидуален стил влијание имаат веројатно и социјалните мрежи и тоа што го имаме како достапност од информации и фотографии, како работите функционираат во светот. Покрај тоа, и моето чувство за естетика и вкусот што го изградив, само се надградуваат", додава нашиот соговорник.

Им честитаме на добитиниците и апелираме нивниот позитивен пример да биде поттик за деловниот свет кај нас да добие свој интензивен и препознатлив печат.

 

Објавено:
4 февруари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.193 пати