Традиционално и годинава, по четврти пат, нашиот моден магазин Fashionel.mk ги додели наградите за најстилски личности за изминатата година.
Секое доделување на овие награди се однесува на личности од различни општествени сфери, а годинава за прв пат одбравме долгогодишни професионалци во модната сфера. Модната новинарка и модел Снежана Богдановска Сани и Алек Наумовски од модната агенција Моделс Ин и докажан модел, се нашиот избор за „Најстилска жена“ односно „Најстилски маж“ за 2017.
-Чест ми е што оваа година наградата ја добија личности од модната фела кај нас. Алек Наумовски и Сани Богдановска се личности со препознатлив стилски идентитет и токму затоа и се нашиот избор. Затоа сметам дека треба да им се оддаде макар едно вакво мало признание, иако нивните заслуги се далеку поголеми. Мислам дека треба многу да се зборува и пишува за нивниот лик и дело, бидејќи тие ја живеат модата“, изјави Елена Пандева, генерален менаџер и сопственик на Fashionel.mk.
Со овие награди им оддаваме признание на оние луѓе кои преку својот стил укажуваат на важноста да се биде доследен на своите лични принципи и на својот идентитет, во време на безличност и меѓусебно копирање.
„Стилот е став, одраз на личниот идентитет. Во денешно време на мас продукција и претопување на своето „јас“ во мнозинството, од суштинска важност е да се остане доследен на своите принципи и да се задржи индивидуализмот, што ние како моден магазин секогаш го потенцираме низ нашите содржини. Сани и Алек се вистински позитивен пример во тој контекст и токму затоа заслужено го добија нашето признание за Најстилска жена односно Најстилски маж за 2017 година“, изјави уредничката на Fashionel, Марија Мечева.
Сани посочи дека ова признание го доживува како нешто навистина посебно.
-Наградите се секогаш убави, добредојдени, му годат и на егото. Но, кога признание ќе дојде од фелата, тогаш е навистина посебно. Навистина сум почестена, особено бидејќи еден моден портал, кој што сериозно се наметна во медиумскиот простор, кој сериозно зборува за модата и упатно ги насочува своите читатели, успеа да ме препознае. Јас сум преку 30 години во модната фела, од различни аспекти, и тие успеаја да го препознаат стилот кој не е препознатлив за пошироките маси, бидејќи не е мејнстрим. За мене велат дека сум моден камелеон, во всушност, мојата препознатливост е бунтовноста, па дури и кога сум најелегантно облечена, тоа излегува од мене. Човек сум кој експериментира, ми се посреќи да имам таква фигура да можам сè да износам, но јас знам во што најдобро се чувствувам. Треба да експериментирате до крај, но првин треба да се запознаете себеси– вели Богдановска.
Задоволството од добивањето на вакво признание не го сокри ниту Алек.
- Мене ми е огромна чест и навистина се радувам што добив една ваква награда, особено што кај нас многу ретко се случува тоа, а посебно во модната фела. Убаво е чувството кога ќе видиш дека не само стилот, туку и сиот твој труд наназад некој го препознал – вели моделот, кој ги следи трендовите, но го одбира исклучиво она што мисли дека одговара на неговиот стил.
Алек вели дека мажите последиве неколку години навистина повеќе го негуваат својот стил.
- И козметиката за мажи во светот отиде многу напред. Порано се знаеше, имаше балсам за бричење и гел за коса, сега постојат цели колекции, со квалитетни креми и слично. Верувам дека тој процес придонесе да се потбутне или мотивира машката популација да работи за својот изглед, а во тие рамки и за машката мода – посочува Алек.
Ова признание вели е уште поголема мотивација за работата во иднина.
- Она на што се радувам посебно а ќе се случи во скоро време е една нова соработка со модната куќа „Елена Лука“. Се работи за нова кампања и со нетрпение го очекувам крајниот резултат. Исто така, продолжувам и со работата со модната агенција „Моделс Ин“, да ги поддржам моделите, машки и женски, да излезат надвор од овие граници и да остварат интернационална кариера. Тоа е мојата цел – вели Алек за крај.