Fashionel во моден ритам со штипјани

28 септември 2013

Доколку вчеравечер случајно се најдовте во Штип, тогаш дефинитивно знаете за што зборуваме! Тимот на Fashionel приреди одлична забава во градот што овие денови живее за модата.

Покрај колекциите претставени на вториот ден од манифестацијата „Денови на мода Штип“, Angels café вчеравечер беше второто место каде што мораше да се биде. Задоволните и насмеани лица во преполното кафуле беа доволни да сведочат за добрата атмосфера од втората модна забава на Fashionel.

За забавата да биде уште подобра се погрижија и Apply the beat, препознатливи по тоа што им даваат еден нов звук на популарните R’n’B хитови.

Едно од најголемите изненадувања за сите посетители беше можноста сами да креираат нивно мало парче уметност. Во кафулето беа поставени кукли на кои секој оној што вчеравечер имаше зголемена доза на креативност, од понудените материјали во неверојатни бои и дезени, па можеше да создаде свое мало дело со кое ќе се гордее таа вечер.

Сите момци и девојки кои беа дел од лудата забава, имаа можност и да се фотографираат, со што станаа дел од нашата наградна игра, што воедно беше и второто изненадување. Tака сите присутни станаа потенцијални добитници на наградите за најдобар стајлинг, моден додаток како и за најдобра шминка и фризура.

Иако штипјани и штипјанки навистина посветуваат внимание на својот изглед, па конкуренцијата беше голема, наградите отидоа во рацете на најсреќните. Наградата за најдобар аксесоар ја доби Љупка Трајчова, наградата за најдобар стајлинг на вечерта отиде кај Марија Каранфиловска, а наградата за најдобра шминка и фризура и припадна на Елена Илиевска.

Марија Каранфиловска - најстајлинг Марија Каранфиловска - најстајлинг

Сите три добитнички беа подеднакво среќни од наградите што им беа доделени, а истите се состоеја од ваучер за шминка и фризура од модното студио Елена Лука, ремен и кошула од истоимената модна куќа. Во краткиот разговор со нас, тие побараа Fashionel што побрзо да се врати во Штип и да направи уште една луда забава.

Елена Илиевска - шминка и фризура Елена Илиевска - шминка и фризура

„Тимот на Fashionel вечерва ми ја разбуди креативноста со креациите што ние требаше да ги осмислиме на некој начин, и тоа многу ми се допадна. Мислам дека дефинитивно треба да продолжите со истото темпо, со истиот стил и јас верувам дека ќе имате супер иднина ако работите вака позитивно“, вели Љупка, добитничката на најдобар аксесоар на вечерта, која си замина дома со ремен од Елена Лука.

Штипјани дефинитивно знаат како да се забавуваат и да ги следат модните трендови, а тоа можеше да се види и вчеравечер, токму во срцето на градот.

Објавено:
28 септември 2013
Категорија: 
Актуел