Фешн Груп и Јована Зука ја претставија колекцијата маички на Модниот викенд

6 април 2015

На последниот ден од единаесеттото издание на Модниот викенд Скопје, своја модна инсталација имаа и Фешн Груп и Јована Зука кои уште еднаш официјално ја претставија колекцијата маички како дел од проектот Џинсоманија.

Јасмина Апостоловска, менаџер на компанијата Фешн Груп посочи дека ова не е прв пат да соработуваат со познатата македонска блогерка, откако пред неколку месеци направија интересна фотосесија со модни новинарки и блогерки за брендот Parfois.

„Ова ни е веќе втора соработка, мене многу ми се допаѓа нејзиниот блог, уште кога прв пат го видов, ми се допадна естетиката и начинот на кој таа им пристапува на работите и затоа ја поканив да биде наш соработник за овој проект во којшто идејата беше да направиме маички кои совршено би одговарале со џинс. Всушност, при првата средба со Јована, ние сѐ уште ја немавме дефинирано идејата, па и таа нѝ помогна во некои насоки за смислување на пораките, па потоа го направивме и дизајнот и така сѐ течеше во најдобар ред. Потоа ја организиравме фотосесијата со Ани и Дими којашто исто така е носечки дел од проектот“, вели Јасмина за Fashionel.mk.

Инаку, станува збор за колекција составена од шест модели на маички со интересни натписи од кои два на македонски јазик, а останатите четири на англиски јазик.

„Маичките не се класично пуштени во продажба, бидејќи станува збор за лимитирана колекција. Овој викенд тие можеа да се најдат во Fashion & Friends и Springfield, со купување на било каков производ од џинс се добиваше гратис маичка, а за понатаму ќе видиме како ќе се набавуваат. Инаку, интересот е огромен, нѐ контактираат многу девојки преку пораки во инбокс, но и лично нѐ контактираат, па можеби ќе направиме и некои нарачки така што дефинитивно ќе ги има маичките“, вели Јасмина.

Во однос на тоа дали обожавателите на брендот можат наскоро да очекуваат некоја нова соработка од сличен вид, Јасмина вели дека таа опција не е исклучена.

„Дефинитивно би сакале да има, ние сме отворени за соработка со млади и талентирани луѓе и секогаш се добредојдени и нови идеи и различни видови на соработки и промоција. Мислам дека секако ќе имаме нешто во иднина“, додава таа.

Покрај за проектот Џинсоманија и соработката со Јована Зука, со Јасмина поразговаравме и за пролетните трендови и парчињата што можат да се најдат во продавниците на Фешн Груп оваа сезона.

„Оваа пролет Фешн Груп нуди огромен избор на модели на фармерки, тексас кошули, шорцеви и сѐ што е направено од тексас со најразлични обработки, почнувајќи од светол тексас па сѐ до потемен. Имаме различни модели на boyfriend џинс, широки, потесни, ултра скини, има дури и некои модели на ѕвонарки, бидејќи 70 – тите се повторно во тренд. Исто така нудиме и многу артикли кои што се комбинираат со џинс, како јакнички, маички итн.“, посочува Јасмина.

Објавено:
6 април 2015
Категорија: 
Актуел