Филмско продолжување за легендарната Коко Шанел

25 ноември 2014

Кога Карл Лагерфелд ќе ја избере својата екипа за работа, ретко ги менува своите миленици во реализација на колекциите и рекламните кампањи. Тој како задолжен за продолжување на делото на брилијантната и неповторлива Коко, го движи еден од најомилените франсуски брендови по теркот на тенденциите од новото време.

Неговиот најнов проект е најавата за краткиот филм насловен „Реинкарнација“, од кој всушност главниот акцент е ставен на обновувањето на историјата за легендарното Шанел палто. Иако филмот не е премиерно прикажан, Лагерфелд за странските модни медиуми објави детали поврзани со новосоздадениот филм.

 

Главните улоги во истиот, му припаднаа на музичарот Фарел Вилијамс, манекенката Кара Делевињ и Џералдин Чаплин,  кои изгледаат моќно и отмено. Позадина на видеото е музиката напишана од Фарел, а Кара пак, освен што ја има улогата на убавицата, таа го прифаќа и предизвикот да пее во дует со познатиот музичар.

Приказната е инспирирана од вистинскиот живот на Габриел Шанел, односно од нејзиниот престој во Салцбург- Австрија во 1954 година. Тогаш во хотелот таа се запознава со младо момче од чија јакна се инспирира за создавање на иконската Шанел јакна.

-Ништо од филмот немаше да излезе како што треба без улогите на Фарел, Кара и Џералдин Чаплин, која ја игра Коко. Фарел е генијалец, а Џералдин можеби е најсоодветната за оваа улога од сите претходни досега, изјавува Лагерфелд.

Во продолжение може да го погледнете краткото видео од филмот, а до крајот на месецот ќе биде премиерно пуштен во целост.

 

Објавено:
25 ноември 2014
Категорија: 
Актуел