Фондацијата Елена Лука ги додели стипендиите на избраните студентки

29 октомври 2016

По доделувањето на стипендиите на петте ученички средношколки, Фондацијата „Елена Лука“ им ги додели стипендиите и на петте студентки во рамки на проектот „Планирај ја својата иднина“.

Фондацијата „Елена Лука“ додели вкупно десет стипендии и тоа пет за средношколки и пет за студентки од општините: Могила, Лозово, Центар Жупа, Чашка и Скопје.

Стипендиите ги додели основачката на Фондацијата Елена Пандева која на девојките им посака многу среќа и успех во понатамошното образование.

„Сигурна сум дека ја направивме вистинската селекција и дека стипендиите ќе бидат мотив за нашите пет студентки за нивното понатамошно интелектуално вложување. Нашата суштинска цел како фондација е пред се да ги поддржиме во нивниот интелектуален раст и да им помогнеме во отворањето на можностите за остварување на нивните професионални цели. Драго ми е што запознав пет одлучни ученички, студентки на различни факултети со конкретна визија за својата иднина. Како фондација Елена Лука постојано ќе ги следи во нивниот прогрес се до моментот додека станат професионални адвокати, фармацефти, социјални работници, градежници... Веруваме во нив и во нашиот заеднички разговор денеска си ветивме дека ќе ги оствариме зацрстаните идни планови во професионалната сфера", изјави Елена Пандева.

Целта на проектот е да се поттикнат младите девојки, особено оние од руралните средини да го продолжат своето образование на додипломски студии.

Кандидатките за кои комисијата одлучи дека ги исполнуваат критериумите се:

Наталија Герасова од Општина Лозово
Ангела Чагорска од Општина Могила
Орнела Гани од Скопје,
Фетија Бајрамовска од Општина Центар Жупа
Кристина Цветковска од Општина Чашка

„Оваа стипендија сакам да ја искористам за да ги покријам трошоците на факултетот. Се запишав на Градежниот факултет, насока геодезија бидејќи некогаш сакам да имам своја компанија и навистина сакам да работам во градежништвото. Едноставно, тоа ме влече“, изјави Ангела Чагорска од општина Могила.

Нејзината колешка од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Фетија Бајрамовска вели дека е многу задоволна од стипендијата и од тоа што токму таа е меѓу избраните.

„Се запишав на Правен факултет бидејќи сакам да бидам адвокат. Стипендијата сакам да ја искористам за трошоците во интернатот, бидејќи таму престојувам додека студирам, затоа што  доаѓам од Дебар“, вели Бајрамовска.

Нивната нова пријателка Орнела Гани од Скопје има поинакви планови за стипендијата.

„Јас конкретно планирам да ја штедам оваа стипендија за нешто што ќе ми треба понатаму, не сакам да ја трошам за купување на разни работи. Би сакала да ја заштедам целата сума и можеби кога ќе ги соберам парите, да отидам на некое патување што многу го сакам“, вели Орнела Гани која одлучи да студира на Филозофскиот факултет, на насоката социјална работа и политика.

Сите девојки се сложуваат дека оваа стипендија ќе биде голем поттик за нив да работат и учат напорно во годините што се пред нив и да постигнат одлични резултати.

Тие ќе додадат дека токму ваквите работи ги мотивираат да одат напред и да дадат сѐ од себе кога е во прашање учењето.

Објавено:
29 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.472 пати