„Форбс“ негира дека Роналдо ја чинеше „Кока Кола“ преку 4 милијарди долари

21 јуни 2021

Голема врева се крена за потегот на Роналдо, кој на една од прес-конференциите на Европското првенство во фудбал, ги отстрани шишињата „Кока-кола“ барајќи вода и порачувајќи дека треба вода да се пие.

Според „ESPN“, Роналдо е толку влијателен, што оваа анти-реклама од негова страна (намерна или не) значела загуба за „Кока-кола“ милијарди долари.

Како пренесуваат, акциите на „Кока-кола“ веднаш по овој потег на фудбалерот паднале за 1.6%. Цената на акциите на познатиот бренд изнесувала 56,1 долар, но до крајот на прес-конференцијата и смената на шишињата, тие паднале на 55,2 долари, со што и целата пазарна вредност на компанијата изгуби 4 милијарди долари.

Истовремено, и други брендови се вклучиле во „здравата пропаганда“, поддржувајќи го спортистот.

И Светската здравствена организација на својот Твитер профил покажа поддршка за потегот на Роналдо, порачувајќи да останеме фит и здрави така што ќе го редуцираме внесот на шеќер, особено преку слатките и газираните слатки напитоци.

Од „Кока-кола“ пак, изјавија дека секој има право да избере каков пијалак сака и дека секој има различен вкус.

Но, дел од твитер заедницата беше „вредна“, па најде фотографии од времето кога Роналдо ги рекламирал токму „Кока-Кола“ и „Мекдоналдс“, а имајќи го предивид тоа дека Роналдо речиси ништо не прави случајно, многумина се прашаа дали зад ова се крие и некоја друга порака. 

 На крајот, “Форбс“ вчера излезе со нови податоци, велејќи дека пласирањето на информациите дека Роналдо ја чинел „Кока-кола“ губиток на преку четири милијарди долари е лажна вест.

Според нивните податоци, познатиот бренд веќе имал падната пазарна вредност, што само се совпаднало со прес-конференцијата  и гестот на Роналдо. Во исто време на пример, паднала и вредноста на „Форд“ и тоа за повеќе од две милијарди долари.

Тие велат дека крајниот факт е дека од моментот кога Роналдо ги трга шишенцата „Кока-кола“ до крајот на работниот ден на Вол Стрит, цената на акциите на брендот пораснала за 0.30 долари, односно додавајќи 1.3 милијарди долари на вредноста на компанијата.

Објавено:
21 јуни 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
883 пати