ФОТО: Саф е повеќе од музика, САФ е култура!

25 април 2015

Иако најавен за 21 часот, а со официјален старт во 23, концертот на САФ вчеравечер на Скопскиот Саем предизвика вистинско лудило кај публиката.

Откако тројцата легендарни момци се појавија на сцената, ништо повеќе не беше важно! По супер сетовите на диџеј Чваре и Dirty Harry, легендите на македонската рап музика ја „запалија“ сцената по цели 7 години од последниот концерт.

На бината на Скопскиот Саем тие изведоа некои од нивните најголеми хитови и тоа по 15 години од издавањето на нивниот прв албум, со што многумина во публиката се потсетија на тоа што беше добра музика.

Судејќи по атмосферата и однесувањето на присутните во публиката, она што дефинитивно се потврди е дека на Македонија и тоа како и недостасува забава, добри журки и култна музика.

Сосема во свој стил, еден по еден сцената ја освоија Диџеј Гоце, претседателот Смилен и големиот Пикисипи кој покрај добрата стиховна гимнастика, публиката ја размрда раскажувајќи случки од приватниот живот и коментирајќи ја актуелната ситуација во Македонија.

И додека момците земаа здив, на сцената се појавија дефинитивно едни од најкултните рап состави во Македонија – Легијата, со кои публиката рецитираше во еден глас.

Еуфоријата кај публиката се крена на едно супер високо ниво во моментот кога момците од Легијата ја најавија ултра популарната песна на легендите, „Раце Горе“ со што и полека на концертот му се наѕираше крајот.

Сосема очекувано, кога момците се вратија на сцената, ги затекна огромна публика со рацете горе која во еден здив заедно со Пикисипи и исклучително талентираниот Смилен, им покажаа колку тие и недостасуваат на Македонија.

8

Во името на добрата рап музика и на македонската музика воопшто, сите си заминаа дома со надеж дека на големите Саф нема да им требаат толку многу години за нов албум и ќе се вратат со по уште некој концерт, бидејќи дефинитивно недостасуваат.

7

И за крај, САФ не е само легендарно рап трио, САФ е посебна култура и начин на живот!

Објавено:
25 април 2015
Категорија: 
Актуел