Фото: Вера Мештеровиќ и Елена Лука во финални подготовки за јубилејното издание на Охридско лето

28 јули 2020

Во вонредни услови, со посебни протоколи и безбедносни мерки за заштита, годинава јубилејното 60. издание на престижната културна манифестација Охридско лето, ќе се одржи од 4. до 30 август, наместо од 12 јули до 20 август како што традиционално се одржуваше годините наназад.

Иако пандемијата наметна сосема нов колосек генерално, вклучително и во културната сфера, сепак финалните подготовки за јубилејната манифестација веќе се во тек.

Модниот аспект, како значаен сегмент за комплетното визуелно доживување на настанот, секогаш го има нашето внимание. Овој пат имавме ексклузивна прилика да погледнеме како течат подготовките, во ателјето на модната куќа Елена Лука што ќе биде задолжена за стајлингот на прекрасната Вера Мештеровиќ која годинава ќе биде во улога на модератор и водител на манифестацијата, односно на официјалното отворање.

„Секогаш е чест и привилегија да се работи со еден докажан професионалец како што е прекрасната Вера Мештеровиќ. Нашата соработка трае со години и тоа го потврдува фактот дека кога ќе се спојат две страни со јасна визија и идеја, а на сето тоа ако се додаде и долгогодишното искуство, успехот е неминовен. Од друга страна пак е престижната манифестација Охридско лето, која годинава иако во вонредни околности, го прославува својот јубилеј, што е за голем поздрав. Грандиозноста на настанот и неговата сцена неминовно бараат стајлинг што ќе плени. Затоа целосно сме посветени на дефинирање на перфектна стилска целина која на секое ниво ќе одговори на предизвикот и знам дека Вера ќе блеска на сцена", вели г-ѓа Елена Пандева, генерален менаџер, водечки дизајнер и сопственик на модниот бренд Елена Лука.

г-ѓа Елена Пандева, генерален менаџер, водечки дизајнер и сопственик на Елена Лука

На еден од фитинзите во ателјето на Елена Лука, следејќи ги сите прописи за заштита и безбедносни мерки, имавме прилика да посведочима како се одвиваат подготовките.

Затекнавме и повеќе од пријатна работна атмосфера, а Вера веќе пробуваше некои од уникатните дизајнерски тоалети на Елена Лука и без исклучок сите ѝ прилегаа фантастично.

„Елена Лука како наш докажан домашен бренд, има повеќе пати соработувано со Охридско лето, а и јас лично имам прекрасно искуство и бројни соработки со брендот. Виенскиот бал, „Story celebrity" награди , изборот за „Influencer", бројни хуманитарни настани, Златна бубамара и други настани во нашата држава, се само дел од оние каде сум носела стајлинг на Елена Лука. Како бренд и како тим секогаш неуморно излегуваат во пресрет! Елена Лука апсолутно секогаш го дава најдоброто решение што ќе биде соодветно и за манифестацијата, а секако и во склад со личноста која го носи нивниот стајлинг. Сцената на Охридско лето бара и мала доза на театралност и префинет изглед, со цел да се постигне максимален ефект, а јас знам дека со Елена Лука тоа ќе го оствариме. Овие денови интензивно работиме со тимот на Елена Лука, пробуваме повеќе комбинации... Подготовките се во финална фаза, но што точно ќе носам на отворањето нека остане изненадување. Јас сум уверена дека впечатокот ќе биде одличен како што и прилега за одбележување на еден 60-ти јубилеј. Среќна сум што постоите, тим со најголемо срце. Ве сакам и ви благодарам на поддршката и соработката", Вера Мештеровиќ упати благодарност до Елена Лука што и овојпат ќе се погрижи за нејзиниот беспрекорен сценски изглед.

Организаторите и за ова јубилејно издание најавуваат квалитетна, уникатна, атрактивна и возбудливата програма. Како што велат, фестивалската сцена повторно ќе биде домаќин на најголемите, најславните и најуспешните.

„Како Национална установа која во своето долгогодишно работење секогаш се води од начелата за грижа на уметниците и публиката Ве уверуваме дека се преземени сите безбедносни мерки за здраствена заштита. Реализација на ова јубилејно издание ќе се одржува според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од Пандемијата Ковид 19. Како организатори на оваа врвна манифестација навремено подготвивме протокол според кој строго се утврдени правилата за заштита претходно дадени од Комисијата за заразни болести", се вели на официјалната страна на манифестацијата.

 

Објавено:
28 јули 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
540 пати