Фраер кој ја врати класиката на улица: Мадс Микелсен на Pitti Uomo

20 јануари 2023

Деновиве по социјалните мрежи и во модните медиуми, нашироко се дискутира појавувањето на данскиот актер Мадс Микелсен на неодамна завршениот Pitti Uomo, најпознатата платформа за машка мода во Фиренца.

Со својата едноставност беше во фокусот на вниманието. Ќе се прашате зошто во целата таа модна еклектика, токму данскиот актер во тотално едноставна, базична, црна комбинација беше најголемата симпатија на јавноста?

Веројатно на ваков тип на настани, очекувањата од уличната мода се големи. Природно, затоа што се работи за настан што ја диктира модата во машкиот свет на светско ниво. Секој што тука ќе продефилира, не остава ништо на случајност и крајниот впечаток е авангардна мода, изразена индивидуалност, па дури и ексцентричност, каде за обичноста ретко кога се остава простор.

А Мадс Микелсен се појави толку обичен. Во црна класика со етикета на брендот Zegna на чие шоу и присуствуваше. Но, неговиот став и харизма, начинот на кој позираше пред објективите, ја купи јавноста. Слика на вистински џентлмен, која не избледува низ годините и трендовите.

Фраер кој ја врати класиката на улица. А класиката никогаш не умира колку и да е ексцентрична актуелната мода. Исто како и харизмата.

Фото: Инстаграм

Објавено:
20 јануари 2023
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
613 пати