FWSK: Неконвенционална, еко и надреалистична мода за старт на дваесеттата сезона

2 ноември 2019

Двата јубилеи, 70 години „Музеј на град Скопје" и дваесеттата сезона, односно 10 години Моден викенд Скопје, годинава симболично ги обединија двете институции.

Неконвенционална, еко и надреалистична естетика го означи стартот на 20. издание на FWSK кое започна вчера и ќе трае до 3. ноември.

Вечерта беше резервирана за комбинација од домашни и регионални дизајнери, што на публиката ѝ овозможи да проследи ревии и перформанси со различни модни концепти.

Програмата започна со претставување на новата зимска колеција „REM" од Ирина Тошева, преку која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација. Според неа, потпирањето на секвенци од соништата и потсвесните мисли, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров" на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот.

Доследна на оригиналниот пристап за презентација на парчињата, нејзиниот избор овојпат падна на модел(к)и налик на дрег кралици, во соработка со шминкерот Небојша Пешевски, Schuster, La Dama и D'eyeko. Ревијата е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2019-та година од Министерството за култура.

Како втора следуваше Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чијашто модна визија за есен-зима '19/'20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, нудејќи им отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.

Програмата продолжи со ревија на SIGMA Jewelry , брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци. Викторија Лоба како нивно заштитно лице, го отвори модниот перформанс, презентирајќи ги најновите модели од богатата палета на аксесоари.

Вечерта ја заокружи модниот филм и перформансот „+7 HOURS", во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното.

Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели" како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.

Освен модата и дизајнот, посетителите во Музејот на град Скопје, подеднакво уживаа и во музичката програма за која беа задолжени Јон Бела и бендот Moonage.

 

Објавено:
2 ноември 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
499 пати