Гламурозно шоу на Роксанда Илинчиќ во Белград

27 јуни 2016

По 13 години пауза, најпознатата српска дизајнерка која живее и работи во Лондон, Роксанда Илинчиќ, ѝ се врати на домашната публика со спектакуларно модно шоу што се одржа во петок вечерта во „Белиот дворец" во Белград.

Модната ревија со хуманитарен предзнак, ја организираше познатата српска модна агенција „Modni studio Click" по повод одбележувањето на нивниот 25-годишен јубилеј работа.

Во рамките на модниот спектакл, Илинчиќ пред домашната публика ја презентираше нејзината последна колекција за есен-зима 2017 година, што беше промовирана на Модната недела во Лондон, а критичарите ја оценија како врвна, исклучителна и женствена линија. Се работи за колекција во која се глорификува дамскиот стил од 40-те и 50-те години, со раскошни фустани кои се и една од основните карактеристики во дизајнот на српската креаторка, облагородени со крзно, свила и антилоп кожа.

Програмата на модното шоу беше заокружена со настап на култниот британски хор „Voce Chamber Choir" коj што настапувал со легендарни музички состави, како Rolling Stones.

Помеѓу присутните гости, очекувано беше и елитата од културниот и јавниот живот на Србија: премиерот Ивица Дачиќ, принцот Александар Караѓорѓевиќ, Лена Богдановиќ, Ана Станиќ, Пеџа Нешковиќ, Јелена Блечиќ, Билјана Цинцаревиќ, Тамара Вучиќ, Игор Тодоровиќ и уште многу други.

Премиерот на Србија Ивица Дачиќ и принцот Александар Караѓорѓевиќ

Сите собрани средства од хуманитарната модна ревија ќе бидат донирани за децата болни од рак.

Инаку, последен настап на Роксанда Илинчиќ во Србија беше во 2003 година на Белградскиот моден викенд. Од тогаш нејзината кариера како моден дизајнер брзо прогресираше и успеа да се наметне како една од највлијателните српски дизајнерки на светски ниво, чии креации носеле Кејт Мидлтон, Мишел Обама, Кејт Бланшет, Кира Најтли и уште бројни дами од светскиот џет-сет.

Роксанда Илинчиќ и Слацана Тесла

Извор: elle.rs

Фото: Бранко Кољајиќ

Објавено:
27 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
344 пати