Голем интерес и поддршка за Fashion Revolution Macedonia

2 октомври 2019

Со разменување на облека и проекции на документарецот „True Cost“, кој ни ја доближува реалноста зад убавото лице на модниот свет и производството во модната индустрија, тимот на Fashion Revolution Macedonia, вчера го одржа својот прв настан во Јавна соба. 

„Целта на денешниот настан е да започнеме со адаптирање на глобалното движење – Fashion Revolution, на локално ниво. Се одлучивме да организираме разменување на облека затоа што тоа е одличен пример за продолжување на животниот циклус на облеката и намалување на текстилниот отпад, воопшто. Од друга страна, со проекцијата на филмот ги едуциравме присутните за штетната страна на модата и последиците во однос на животната средина, луѓето и бизнисите.“, изјави Ана Јакимовска, координаторка на движењето во Македонија. 

Со организирање на ваков тип настани, членовите на движењето сакаат да покажат дека секој мал чекор е придонес за поголема етичност во модната индустрија и намалување на загадувањето на животната средина. 

„Многу сме задоволни од тоа како помина првото претставување на Fashion Revolution Macedonia во Скопје. Сакаме да ги поттикнеме луѓето да станат одржливи модни потрошувачи. Еден од начините е токму размената на облека. Имавме многу донирани парчиња што е позитивно, но сепак треба повеќе да се поработи на негување на духот на размена и фактот дека на тој начин го продолжуваме векот на гардеробата“, истакна Ирина Тошева, модна дизајнерка и член на Fashion Revolution Macedonia.

По завршувањето на настанот, Fashion Revolution Macedonia се отворени за нови членови од секоја област и ќе работат на нови случувања. Голема благодарност до Јавна соба, „Џолев и уметностите“, како и сите медиуми и индивидуи кои го поддржаа првото претставување на светското движење во Македонија.

 

Објавено:
2 октомври 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
477 пати