Градскиот дувачки оркестар носи униформи со потпис на Елена Лука

10 октомври 2015

Градскиот дувачки оркестар ги покажа своите нови униформи изработени од етаблираната македонска модна куќа „Елена Лука“.

Посетителите на Градскиот трговски центар во Скопје, како и медиумите, денеска на пладне имаа можност да ја проследат парадата и мини-концертот на Градскиот дувачки оркестар, облечен во униформи што за првпат ги добиваат.

Овој домашен моден бренд создаде елегантни парчиња, каде доминираат црвената и црна боја, збогатени со златни детали.

-Денеска сме тука за да ги промовираме новите уникатни униформи, наменети за Градскиот дувачки оркестар. Ова е првпат, после долги години оркестарот да добие нови униформи, дизајнирани од страна на модната куќа „Елена Лука“. Наменети се за зимскиот период и многу ми е драго што денеска официјално можеме да ги покажеме пред скопјани. Инаку, Градскиот дувачки оркестар функционира во рамки на Младинскиот културен центар, а е и составен дел на сите културни манифестации што ги организира градот – изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

-Материјалите се прекрасни, многу сме задоволни од соработката и крајниот резултат – ни изјави еден од членовите на оркестарот.

Инаку униформата се состои од панталони, кошули, сако, мантил и капи.

-Панталоните што ги изработивме се класични, а странично имаат црвена трака. Кошулите се со долги ракави и руска јака, додека сакото е струкирано, исто така со руска јака, а во предниот дел, асоцира на елек. Предницата е украсена со срмени траки, кои поминуваат од десната на левата страна и украсувањето продолжува со широки траки под половината.

Сакото е во две бои и златни траки, кои асоцираат на боите на Македонија, а во тој манир се и капите, изработени од црвен штоф и украсени со златна тока. Драго ни е што ние ја добивме шансата да ги изработиме првите униформи на овој оркестар - ни изјавија од брендот „Елена Лука“.

Објавено:
10 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.977 пати