Греми 2021: Креациите од црвениот килим за кои најмногу се зборува

15 март 2021

Доделувањето на музичките награди „Греми“ вчеравечер ни донесоа нова доза гламур во овие пандемиски години. 

Вчера се одржа 63 издание на музичката манифестација, под посебни услови поради пандемијата. Хибридниот спектакл се емитуваше на „Си-Би-Ес" мрежата, а составен е од претходно снимени изведби и јавувања во живо, но без публика и илјадници припадници на музичката индустрија.

А со оглед дека имаше „реален“ црвен килим, сепак за момент си помисливме дека сме во старите времиња.

Од „парада на кичот" до „најмодерни Греми награди" - вака отприлика звучат коментарите по сумирањето на впечатоците, кога е модата во прашање. Да, постојат креации кои доминираа, но ретко која навистина воодушеви.

На оваа манифестација отсекогаш имало микс на гламур и еклектичност, класичност и „откаченост“ (во модна смисла), смиреност и уметничка креативност, па сите овие епитети можат да се употребат за да се опише и годинашниот црвен килим.

Ние пак, ги издвоивме креациите кои привлекоа внимание и за кои се зборува и ден потоа.

Дуа Липа модно триумфираше и на црвениот килим и на сцената, појавувајќи се во креации на брендот „Версаче“. Со долгата права црна коса и транспарентниот мрежест фустан во нежна розова нијанса, пејачката многумина ги потсети на младата верзија на Шер. На сцената пак се појави во раскошна креација, исто така во розова боја, која изгледаше како раскошен фустан на преклоп, збогатен со кристали, под кој носеше топ и хелнаки и со право се најде на листата на најдобро облечени на манифестацијата.

Меган Сталион се појави во портокалова креација, која дефинитивно привлекува внимание - првин со бојата, а потоа и со огромната панделка во задниот дел. Кројот е класичен и прав, со голи раменици, а зад креацијата се потпишува модното дуо Долче и Габана.

Изборот на Тејлор Свифт беше ултра-цветна креација од најновата колекција на „Оскар де ла Рента“. Мини фустанот со долги ракави е во комбинација со минималистички сандали и е добар спој, но поради нагласените цветови, пејачката се најде некаде помеѓу најдобро и најлошо облечените. 

Ноа Сајрус се појави во бела креација од колекцијата на „Скјапарели“ од Висока мода. Гламурозната креација нема шанси да не се забележи, бидејќи изгледа како огромен бел цвет и токму оваа модна умешност ѝ донесе добри поени на Сајрус.

Креација од „Скјапарели беше и изборот на Бијонсе. Но, сосема спортивен од оној на Ноа. Се работи за ултра мини кожен фустан со набори кој изгледа како да е буквално направен од еден дел, во комбинација со впечатливи обетки од истиот бренд - уште еден модн погодок за Бијонсе.

Меѓу впечатливите се најде и Синтија Ериво, која уште еднаш потврди дека е една од најсмелите и најдобро облечени жени во музичката индустрија. Во креација на „Луј Витон“ направена специјално за неа, во сребрени и златни нијанси, таа покажа став, доминација и гламур.

За крај го оставивме најсмелиот меѓу сите - Хари Стајлс. На црвениот килим се појави во креација на „Гучи“, панталони и карирано жолто палто, кои ги надополни со розов шал од пердуви. Неговиот еклектизам е таков што или ви се допаѓа или не. Сепак, модните стручњаци го поздравуваат неговиот стил, кој претставува вистинско модно освежување.

Во тој контекст многумина го сметаат за моден наследник на Принц, Лени Кравиц, па дури и Дејвид Боуви - тројцата ги врзува креативен израз во секој поглед.

На сцената пак, обелече кожено одело, на голо тело и наметна зелен шал од пердуви и буквално остави свој препознатлив печат. Некои ќе речат дека во неговиот настап го виделе младиот Лени Кравиц, но сепак Хари има своја препознатливост, па затоа споредбите и не се нешто што би требало да доминира. 

Во галеријата во продолжение погледнете ги и останатите креации од црвениот килим.

Кога се наградите во прашање, Бијонсе буквално доминираше. Таа се запиша во историјата како музичарка со најмногу освоени Греми награди во историјата - вкупно 28, од кои само вчера освои четири - за најдобра ар-ен-би изведба за „Black Parade“, најдобра рап песна и рап изведба за дуетот со Меган Сталион и за најдобра снимка (Brown Skin Girl).

Тејлор Свифт пак, по трет пат го освои „златниот грамофон“ за албум на годината и стана првата жена во историјата на која тоа ѝ успеало. 

Темата од најновиот филм за Џејмс Бонд, „No Time To Die“ ѝ донесе на Били Ајлиш годинава награди.

Дуа Липа го има најдобриот поп албум, додека Лејди Гага и Аријана Гранде имаат најдобар поп-дует.

Инаку, добитниците ги одбираа околу 11.000 членови на „Recording Academy“.

Комплетната листа на победници можете да ја видите тука.

 

Објавено:
15 март 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.589 пати
Тагови: 
Греми награди