Минатата година дизајнерите Томас Тет, Никита и Тина Сутрадар кои работат зад брендот Миунику, како и Шејн Оливер од Hood by Air, ја имаа честа да ги освојат првите три места на престижните Луј Витон награди за млади и талентирани дизајнери.
На почетокот на новата година, од групацијата доаѓаат добри вести! Тимот по втор пат одбира талентирани дизајнери на кои ќе им помогне да изградат светла иднина во светот на модата. Најдобриот од сите пријавени ќе добие вкупно 300.000 евра заедно со договор за едногодишно работење во групацијата на Луј Витон, каде ќе може да учи од најдобрите.
Жирито повторно е составено од девет истакнати дизајнери од конгломератот LVMH меѓу кои и Николас Гескиер, Марк Џејкобс, Карл Лагерфелд, Умберто Леон, Карол Лим, Фиби Фило, Џонатан Андерсон, Раф Симонс, Рикардо Тиши, како и Делфин Арно, Жан Пол Клаверје и Пјер Ив Расел.
Шејн Оливер, еден од минатогодишните победници, вели дека победата не само што му овозможила средства за отпочнување со работа на неговиот уникатен моден бренд Hood by Air, туку преку победата тој бил признат ширум светот како млад и надежен дизајнер.
„Во текот на натпреварот, имавме единствена можност да ги споделиме нашите идеи и планови со некои од најголемите дизајнери на денешницата и секако, во секој момент можевме отворено да разговараме со нив за нивните искуства во модниот свет, за тоа што не очекува, како да растеме и да се развиваме понатаму, едноставно за сѐ она што е важно за нас, младите дизајнери“, вели Оливер на стартот на втората сезона награди на групацијата LVMH.
Секој апликант што планира да се пријави на натпреварот, мора да е под 40 години и досега да има презентирано барем две ready – to – wear колекции. Повеќе информации можете да најдете на нивната веб страница, а конечниот победник ќе биде прогласен кон средината на месец мај 2015 – та година. Ви посакуваме среќа!