Хари: Ја изгубив мајка ми, а сега гледам како мојата жена е жртва на истите моќни сили

3 октомври 2019

Принцот Хари конечно се огласи по бројните негативни написи за неговата сопруга Меган Маркл, претежно поврзани со нејзиниот татко и минатото.

На официјалната страна на кралската двојка, принцот објави изјава во која ја информираше јавноста дека ќе поднесе тужба против британскиот таблоид кој објави приватно писмо што војвотката од Сасекс го упатила кон нејзиниот татко.

Insider

„За жал, мојата жена стана една од последните жртви на британските таблоиди кои целат кон кампањи против индивидуи без да размислат за последиците – арогантна кампања што ескалираше годинава што измина, за време на нејзината бременост и додека се грижеше за нашиот син“, стои во изјавата на принцот на официјалната страна на кралската двојка.

 Harper's Bazaar

Тој додаде и дека заедно со Меган успеале да останат храбри во секој момент и дека не може да опише со зборови колку сето тоа било болно за нив.

Во име на кралската двојка од Сасекс се обрати и нивниот адвокат кој ја потврди веста дека и официјално тужбата против Mail on Sunday, чија сестринска компанија е Daily Mail, е поднесена.

„Поднесовме тужба до таблоидот Mail on Sunday и нивната компанија Associated Newspapers за објавено приватно писмо напишано од Војвотката од Сасекс како дел од кампањата на оваа компанија да објавува лажни и деградирачки вести за Меган и Хари. Со оглед на тоа што бевме одбиени проблемот да го решиме спогодбено, моравме да го направиме тоа на овој начин“, изјави нивниот адвокат.

Во објавата, Хари изјави дека тој бил тивок сведок на страдањето на неговата жена долго време.

„Да го гледам тоа и да не направам ништо, ќе биде против она за што се бориме и против она во што веруваме. Тие успеаја да креираат лага врз лага на нејзин трошок само поради тоа што не беше присутна за време на породилното отуство. Таа е истата жена што беше пред една година, истата жена од нашата свадба, како и истата жена што е на оваа турнеја низ Африка“, напиша Хари во изјавата.

Elle

Тој посочи дека иако смета дека можеби ова не е најбезбедната одлука, знае дека е вистинската.

„Мојот најдлабок страв е дека историјата може да се повтори. Сум видел што може да се случи кога некој што го сакам е нападнат до тој степен што повеќе не го гледаат како вистинска личност. Ја изгубив мојата мајка, а сега гледам како мојата жена е жртва на истите моќни сили. Ѝ благодарам на јавноста што е наша постојана поддршка. Иако можеби не изгледа така, поддршката навистина нѝ е потребна“, напиша Хари во официјалната изјава.

Ова е прв ваков случај во кралското семејство, а дел од познавачите на кралското семејство посочија дека можно е принцот Хари сето ова да го направил без дозвола од кралицата или пак консултација со било кој од кралското семејство.

Twitter

Иако како што пишува Vanity Fair, никој не може да предвиди какви последици ќе донесе оваа акција на принцот.

„Веројатно тие го процениле ризикот и времето кога ја објавуваат оваа тужба против познатиот таблоид, особено за време на успешната африканска турнеја. Сите се надеваат дека тие слуштаа добри совети за овој потег и за тоа како ќе се одвиваат работите понатаму. Дали ќе победат или ќе изгубат, она што е важно е дека ефектите од ова ќе ги почувствува секој член на кралското семејство“, пишува Патрик Џепсон, поранешниот секретар на Дајана, за Vanity Fair.

Извор: People.com, Vanity Fair

Објавено:
3 октомври 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.380 пати