„High street“ брендовите го свртуваат вниманието кон жените над 40 години

26 октомври 2017

Со појавата на Инстаграм, маркетинг секторот препозна одлична алатка со која својот фокус го стави на „милениумците" или генерацијата Z, која и во најголем процент е присутна на оваа социјална мрежа. Па и луксузните брендови, како што е примерот со Долче и Габана, добар дел од своите линии го пренасочија кон задоволувањето на вкусовите на младите купци.

Но, истовремено во модната индустрија се создава едно ново струење кое вниманието го свртува кон сериозните и финансиски самостојни потрошувачи, категорија која според возрасната граница припаѓа на купците над 40 години.

Ако „high street" брендовите некогаш важеле за избор за ограничен таргет, пред сѐ на помлади купци, сега нивната стратегија добива многу пошироки размери што ги вклучува сериозните потрошувачи.

Конкретен пример за овој податок е новиот бренд под „капата" на H&M, Аркет чија стратегија е насочена токму кон потребите на купците над 40 години, одговарајќи на нивниот прецизно изграден стил и јасната визија за себе и својот имиџ, што природно се градат благодарение на животното искуство.

Неодамна и Зара на пазарот излезе со кампањата „Timeless" алудирајќи на повозрасен таргет, што воопшто и не е преседан. Во кампањата беа ангажирани и модели што им припаѓаат на генерациите над 40 години со јасно пренесена мисла, а кампањата беше надополнета и со видеа од жени кои зборуваат за своето животно искуство, годините и се што тие носат. Очекувано, кампањата беше дочекана со овации и беше оценета како позитивен пример.

Како што се менуваше перцепцијата за жените и дефинирањето на нивниот стил прилагоден на годините, преку медиумите и општеството, така и „high street" брендовите одлучно се посветија на таргет што ги вклучува жените над 40 години кои сакаат да купат квалитетни и добро изработени чизми, чанти или капути, а тоа да биде допадливо и за нивниот естетски вкус.

Правилата на игра во модната индустрија се менуваат, а влијанието на „high street" брендовите не смее да се потценува.

Објавено:
26 октомври 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
827 пати