Хумана прегратка на македонските дизајнери и „Лице в лице“

22 јануари 2014

Концепт 37 вчеравечер беше местото каде можеа да се добијат најтоплите прегратки во светот. Вкупно 15 македонски дизајнери и креативци ги прикажааа своите одлични дела на тема „Дизајнирани прегратки“ во рамки на донаторската изложба во организација на „Млади за љубов“.

Целиот простор беше исполнет со интересни производи од младите македонски дизајнери кои понудија креативни шолји, постери, маички, разни беџови, накит и фотографии, а чии средства од продажбата беа наменети за продавачите на весникот „Лице в лице“.

Главната организаторка на настанот Ирина Тошева им се заблагодари на сите нејзини колеги и пријатели што ја прифатиле поканата да бидат дел од овој хуманитарен настан.

„Моја беше идејата да вклучам што е можно повеќе колеги и пријатели за сето ова да излезе вака добро. Во однос на селекцијата на дизајнерите, се внимаваше претежно на тоа сите да бидат дизајнери што имаат свој препознатлив стил и своја таргет група затоа што тоа ни е навистина важно за да можат да се соберат што е можно повеќе средства. Она што исто така ни беше важно беше дизајнерите да бидат различни и по стилот за да нивните производи допраат до што повеќе луѓе“, вели Тошева, која за вчерашниот настан подготви интересни маички со јаки во вид на рачиња што прегрнуваат.

Сите дизајнери беа навистина благодарни што токму тие биле избрани да учествуваат во оваа хуманитарна акција и на изложбата донесоа навистина интересни дизајни.

Младите дизајнерки Кристина Манчева и Марија Чолкова од Design & Berries вчеравечер понудија интересни тефтерчиња, беџови и алки со слатки рачиња што се отвораат и прегрнуваат.

Младиот креативец Гоце Велески од Омајгад, на присутните им понуди исклучително креативни постери со мотото „Ајде да се гушкаме, низ паркот да си шушкаме“.

„Првобитно беше еден, но подоцна направив уште три постери и сите тие заедно ги одбележуваат сите четири годишни времиња. Јас би ги купил веднаш, а се надевам и посетителите. Всушност, ако ние не направиме нешто за оние на кои им е најпотребна помош, тогаш се што правиме во нашата кариера е всушност залудно“, вели Велески.

Младите креативки од Преплет, Викторија Ланговска и Магдалена Дилевска на темата “Прегратки“ изработија интересни шолји и постерчиња, по кои се и најмногу познати во нивната досегашна работа.

„Нашата цел во производите што ги изработуваме е да споделиме љубов и по некоја креативна порака, така што ни се вклопи идејата и за тематската вечер. Шолјите и постерчињата се два производи препознатливи за нас, па токму затоа решивме и вечерва да се претставиме со слични такви. Дел од нашите производи веќе се продадоа, а дел се надеваме дека ќе се продадат дополнително“, велат девојките.

Графичкиот дизајнер Иван Петрушевски кој работи под името FLIM, на посетителите вчеравечер им понуди врамен принт од неговите илустрации и принт на една интересна ледена торба.

„Мислам дека овие производи се прилично употребувани во секојдневниот живот, односно рамката може да ја видиме закачена во секој дом, а торбата дефинитивно ни е потребна за извршување на секојдневните обврски“, вели Иван за fashionel.mk.

Она што исто така можевме да го видиме во креативните простории на Концепт 37 беа и одличните фотографии на младата Фросина Илиевска, која понуди серија макро фотографии направени во еден подолг период од нејзиниот живот.

„Овие фотографии ми се многу мили и се надевам дека ќе донесат топлина во некој дом, како што тоа беше случај и со мојот. Секогаш кога уметниците учествуваат во хуманитарни работи прават благородна работа, бидејќи сметам дека на тој начин некако му враќаме на општеството и се заблагодаруваме за секоја поддршка што ја добиваме“, вели Фросина.

За крај, најблагодарна беше извршната директорка и главниот уредник на списанието „Лице в лице“ Климентина Илијевски, која се заблагодари за целата иницијатива на организацијата Млади за љубов и за средствата собрани за продавачите.

„Нас многу ни е драго што целата иницијатива потекна од организацијата Млади за љубов на основа на тоа што подолго време ги следеле нашите активности. Самите тие ни понудија соработка и донацијата од настанот да биде дадена на продавачите на Лице в лице. Многу ми е драго што започнавме една ваква соработка што се продлабочи и преку една акција што ја организиравме неодамна кога ги повикавме граѓаните да се приклучат кон заедничкото делување да им помогнеме на децата од улица со тоа што одблиску ќе ги запознаеме и ќе им го направиме животот поубав. Како и оваа акција вечерва, и таа беше организирана во соработка со волонтерите од Млади за љубов. Многу ми е драго што се повеќе луѓе се вклучуваат кон целата иницијатива, затоа што ние самите нема да можеме ова да го спроведеме. Многу ни се важни граѓаните и заедничкото делување за да можеме да ја постигнеме целта кон која што се стремиме, а тоа е што поголема инклузија на маргинализираните луѓе во општеството“, изјави за fashionel.mk Илијевски.

Објавено:
22 јануари 2014
Категорија: 
Актуел