Хуманоста никогаш не излегува од мода – Среќен роденден СОС детско село!

26 јуни 2013

Насмеани детски лица, возбуда, музика, голем број пријатели како и вработените од СОС детското село  од општина Гази Баба, денеска се собраа да го прослават 12 – от роденден.

Присутните можеа да уживаат во креативноста на младите претставена преку музички и театарски точки, како и уметничка рачна изработка .

Ова е посебен ден за нив, како и за сите деца што се дел од СОС детските села, ширум петте континента. Меѓу пристуните беа претставници од владата, градоначалникот на општината, амбасадорот на Македонија во Турција, како и голем број преставници од компаниите донатори кои добија посебни признанија.

И дизејнерите земаа учество, сакајќи да го поттикнат и помогнат креативниот развој на најмладите, па благодарници добија и Александар Ношпал, Елена Лука и академијата „Леонтич“.

- Денеска е 12.роденден на СОС  детско село Македонија, го прославуваме со сите оние што се дел од нашето семејство. Многу ни значи бидејќи гостите доаѓаат и се запознаваат со успесите од оваа и минатата година. Доделуваме благодарници  на сите што го дале својот допринес, правиме мало дружење. Мајките подготвуваат храна, децата  претстава. Се заблагодаруваме на сите што ни дадоа поддршка. Се надеваме дека  таа и понатаму ќе трае и ќе се интензивира, а ќе биде и поттик за други компании, индивидуалци и донатори, на било каков начин да допринесат за олеснување и подобро функционирање на СОС селото – изјави директорката на СОС детското село, Виолета Георгиевска.

Таа дополни дека понатаму ќе се отворат и нови програми и веруваат во успехот, што и досега го покажаа, со што оставија белег и во социјалната заштита на државата. Така, ако досега во детските СОС села имаше само мајки, од оваа година за децата ќе се грижат и брачни парови.

- Мојата сатисфакција e голема, а и децата се со насмеани лица. Нашата порака е топол дом и грижа за секое дете. СОС детското село е отворено да излезе во пресрет на сите предизвици на децата и младинците. За таа цел ќе отвораме нови програми – вели Георгиевска.

Наскоро ќе се отвори и клуб на младинци, чиј претседател ќе биде Силвана Ивановска, првиот младинец што го напушти селото, а воедно и најуспешен. Силвана е вработена, и е постдипломец на два факултета. Вели, нејзината амбиција е да стане амбасадор.

- Овој ден е многу важен и за децата што биле, како и оние што се сѐ уште под грижа на СОС селото. Херман Гмајнер ги згрижил децата што во периодот на војната ги изгубиле родителите, што е поинаков концепт од други згрижувачки инситуции. Живеев во сите такви институции во државава и можам да направам споредба. Сите знаења и вештини што ги стекнав тука, во ова детско село се незаменливи, а тоа го покажува и успехот што го постигнав. Ми значи и овој ден конкретно, но и секој ден воопшто поминат тука – вели Силвана.

Таа се радува на новата функција, и вели дека ќе даде сѐ од себе. Ќе биде  тука за другите младинци, да им биде поттик, поддршка, мотивација. Да им помогне  за било што. Еден од миговите што засекогаш ќе ги памети е нејзината апсолвентска вечер, кога за нејзиниот изглед се прогрижила Елена Лука.

- Мојот фустан за апсолвентска вечер, преубава лелеава тоалета беше на Елена Лука. Многу сум ѝ благодарна бидејќи изгледав и се чувствував неверојатно. Бев најубава – сподели Силвана.

Освен клубот на младинци, децата ќе уживаат во одморот во Измир, што од лани е веќе традиција. Меѓу децата што настапија, беше и младинецот Ангел, кој ја промовираше својата нова песна посветена на градот Скопје.

- Многу ми значи овој ден и навистина сум среќен. Јас сум згрижен во СОС селото во Радишани, а денес одлучив да ја отпеjам песната за Скопје, за која планирам да снимам и спот. До сега напишав повеќе од 10 песни, а снимени се две. Но, ќе продолжам и понатаму да се занимвам со музика - вели Ангел, кој е четврта година во средното фискултурно училиште и планира да се запише на Философскиот факултет, на катедрата за психологија.

За значајноста на овој ден, ни прозборе и една од СОС мајките, Силвана.

- Овој ден е радост за сите. Се прославува секоја година, децата го паметат денот и секогаш со возбуда се подготвуваат за него. Потребни се вакви манифестации што ќе им причинат радост на најмладите, а  и ќе одбележат важни датуми.

Освен уметничките точки, присутните можеа да уживаат во храната приготвена од мајките и дел од соработниците.

 

Објавено:
26 јуни 2013
Категорија: 
Актуел