Игра на контрасти во првата женска колекција на Дизел во Македонија

30 септември 2014

Џинсот, кожата и војничкиот стил, се основните компоненти на брендот Дизел кои ја хранат и неуморно од сезона во сезона ја обновуваат креативната ДНК на брендот. Во новата колекција за мажи и жени за актуелната сезона есен-зима 2014/15, креативниот директор на брендот Никола Формикети создаде парчиња облека кои во својата срж ја задржуваат препознатливата естетика на брендот, но сепак вметнува една нова свежина и оригиналност кои го карактеризираат единствениот моден печат на Дизел.

„Оваа сезона сакав да ја откријам другата страна на Дизел која е забавна и по малку иронична, но пред сè слободоумна. Размислував кои сме ние – урбани номади кои патуваат околу светот посетувајќи различни музички фестивали како Коачела или Гластонбери“, вели Формикети.

Токму по тој повод, денеска во трговскиот центар Сити Мол, корнерот на Дизел покрај веќе актуелната машка колекција ја доби и својата „понежна половина“, првата женска линија на парчиња и модни додатоци донесени во Македонија, кои дефинитивно ќе бидат актуелни оваа сезона.

„Дизел постои уште од отворањето на Сити Мол и е дел од нашите брендови, од портфолиото и функционира како корнер, сè уште не како засебна продавница.  Започнавме со машка колекција  и увидовме дека многу од купувачите всушност бараат женска колекција и сметавме дека од оваа сезона интересно ќе биде, да донесеме дел од женската колекција. Бидејќи и самиот бренд се развива од сезона во сезона имаат интересни модели, особено интересни ревии, начин на рекламирање, значи самиот бренд имиџ расте постојано, така што решивме сакавме да ги задоволиме желбите и потребите и на женската популација. Женската колекција во неколку наврати ќе биде во текот на сезоната присутна во продавниците. Најмногу што имаме во моментов е џинс во различни бои и модели, бидејќи Дизел е најпознат токму по производите изработени од џинс материјал. Фармерките на Дизел можеби изгледаат како да се стари сто години, но траат и уште толку така што тоа ни беше главната идеја“, ни кажа маркетинг менаџерката на Fashion Group, Јасмина Апостоловска .

Инспирацијата од музичките фестивали внесува лежерен дух и позитивни вибрации особено кај парчињата во војнички стил. Класичните зелени јакни и палта со „милитари“ призвук се комбинираат со различни дезени на материјали и помеки форми. Особено интересна е играта на контрасти во самата колекција. Всушност и според менаџерката контрастните прекршувања се во фокусот на овие парчиња.  Од сезона во сезона дизајнерксиот тим на Дизел промовира нови начини на реинтерпретација на кожата како материјал од кои најчесто се изработуваат јакните и дел од парчињата. И кај производите од кожа контрастот е важен за постигнување на балансиран изглед, па така „бајкер“ јакните се комбинираат со лесни цветни кошули и со неизбежните препознатливи модели на фармерки потпишани токму од Дизел.

„Многу интересни се јакните во секоја форма, имаме кратки кожени јакни, долги, зимски јакни, а ќе добиеме и крзнени. Значи јакната како модно парче е мошне важно во креирањето на целосната визија оваа сезона. Исто така имаме блузи и кошули кои што се со спротивставени принтови и делуваат мошне инвентивно, бидејќи се комбинираат цветови со карирано, а особено впечатлива е и комбинација на тенки со потешки материјали. Јакната е навистина „must have“ за сезонава. Дел од чевлите кои што ги нудиме се така малку погруби,  рокерски, меѓутоа повторно се комбинираат во контраст со некои нежни фустанчиња.  Значи контрастот е мошне важен сегмент во колекциите на Дизел, сезонава“, додава Апостоловска.

Џинсот – заштитниот знак на Дизел се произведува со занаетчиски пристап каде дизајнот се спојува со иновацијата. Така според зборовите на Формикети, џинс моделите се третирани со метод на избелување и затоа изгледаат како да се стари сто години, а всушност ќе издржат уште сто. Покрај избелувањето, парчињата од тексас се третираат и со други методи како на пример ефектот на намерно валкање по кој фармерките делуваат како да ги апсорбирале боите на природата.

Линијата за посилниот пол пак, вклучува карирани кошули кои имаат цветни детали и карактеристична конструкција на моделите, каде мешањето на карираните дезени на моделот му дава финален и компактен изглед. Војничкиот елемент е особено застапен кај палтата, но и кај волнените капути декорирани со златни копчиња, порабени со крзно.

 

 

 

 

 

 

Објавено:
30 септември 2014
Категорија: 
Актуел