Ирина Тошева се бори со плагијаторство

28 мај 2013

Тимот на македонската дизајнерка Ирина Тошева преку социјалната мрежа Фејсбук, се  обрати до македонската јавност и ја информираше дека на пазарот се појавиле копии на модните додатоци од последната колекција на дизанерката, насловена „Вила“.

-Драги вљубеници во модата, во рамки на колекцијата „Вила“ пролет-лето 2013, беа креирани модни цветни додатоци. Интересот за истите е огромен. „Цветните круни“ како што беа наречени од модните блогери се пример за македонски тренд. Овие креации во најразлични форми (венчиња, корсажи, бидермаери и сл.) се уникати рачно изработени од дизајнерката М-р Ирина Тошева.

Ве информираме дека поединци препознавајќи бизнис интерес, нудат плагијати на овие модни додатоци вршејќи, најверојатно нелегална, продажба преку социјалните мрежи. Ателјето Ирина Тошева ги презема расположливите мерки штитејќи ги своите авторски (и сродни) права, углед и идентитет. Со цел да не бидете доведени во заблуда, имајте предвид дека производите на ателјето се разликуваат по: 1) етикетата што го содржи заштитниот знак; 2) уникатноста на дизајнот; и 3) квалитетот на изработка, се вели во соопштението.

Дизајнерката признава дека ова досега не се случувало.

-Прв пат се соочувам со проблемот на недозволено „превземање“ на мој дизајн, односно плагијаторство на модни додатоци, кое го забележав по социјалните мрежи, благодарение на неколку реакции од мои клиенти и поддржувачи. Тоа е показател на градење зрел пазар којшто препознава квалитет и го осудува нелојалното дејствување поврзано со појава на плагијати како неетичка форма на преземање и компензација за креативност, кредибилитет и идентитет - вели Тошева.

Исто така, таа и комплетниот тим што стои зад неа, се одлучија јавно да проговорат, со цел да се заштитат и поддржат креативците и нивната работа.

 

 

Објавено:
28 мај 2013
Категорија: 
Актуел