Исклучително креативни изданија на посетителите на првата вечер на МОТ

20 септември 2013

Со неверојатната танцова претстава „Тоа што телото не го памети“, вчеравечер во МОБ започна 38 – то издание на годинешниот Младински отворен театар.

Претставата понуди едно неверојатно и поинакво танцово искуство, со совршените танчери кои буквално ја оставија сета своја енергија на сцената. Она што не воодушеви покрај неверојатната претстава беше исклучително креативниот стил на публиката што беше дел од ова уживање.

На еден поинаков и посебно софистициран начин, буквално сите посетители вчеравечер покажаа дека македонската публика навистина знае да ги цени настаните од ваков вид и да им подари доза креативност на истите. Во духот на фестивалот, сите посетители беа сосема автентични и доследни на креативноста што ја бара од нив ваквиот вид на настани.

Иако во различни стилови, посетителите гордо дефилираа на црвениот килим пред отворањето, прикажувајќи ги своите добро осмислени комбинации за вечерта.

На отворањето на МОТ можеше да се види буквално се, oд елегантни костими што совршено им прилегаа на мажите, па се до шик комбинации на долги здолништа и кошули или долги фустани кај жените. Од прв до последен, и тоа сите подеднакво, на театарот му дадоа неверојатна поддршка со самото тоа што посветиле доволно време на себе за да изгледаат токму онака како што му доликува на еден настан од ваков калибар.

Меѓу присутните вчеравечер беше секако и исклучителната Рисима Рисимкин, истакнат македонски кореограф меѓу другото, која на кратко ни објасни дека Македонците доволно ги почитуваат настаните од ваков вид за да посветат внимание на нивното издание.

„Релативно да, ги почитуваат, но во принцип можеби и не многу. Конкретно, вечерашниов настан е можеби малку надвор од она што значи ексклузивна гала вечер, бидејќи самиот фестивал е по младешки, по отворен и модерен, па токму поради тоа мислам дека дозволува еден поинаков пристап до облеката. Се разбира, тие што се добро облечени, секогаш се добро облечени и знаат да ја погодат приликата“, вели за Fashionel Рисимкин.

На првата претстава вчеравечер можеа да се видат актери, новинари и секако политичари кои навистина изненадија со нивната посветеност на изборот на облека за настанот.

Во полната сала во Македонската опера и балет, белгијците Ултима Вез на кратко не однесоа во еден сосема поинаков свет каде танцот и музиката на сцена значат се во животот. Креативни до крајот, покажаа неверојатно интересни кореографии со кои го задржуваа вниманието на целата сала.

Во галеријата подолу можете да погледнете дел од посетителите на првата вечер на МОТ и нивните комбинации, како и дел од атмосферата на самата сцена каде настапија Ултима Вез од Белгија.

Објавено:
20 септември 2013
Категорија: 
Актуел