Error message

Извинете што сме жени!

20 јануари 2015

Сте приметиле ли дека во последно време само скандалозни објави и немили настани се дел од нашето секојдневие? Последно во низата е проблемот околу припадничките на понежниот пол, кои според традиција не би требало да се фрлаат по крстот. Но, доколку постоела строга поделба околу ова прашање, зошто минатата година било дозволено девојка да се фрли по крстот и за чудо таа да го фати, па да и биде одземен од маж и од едноставен обичај, денот да прерасне во инцидент? Па нели сме сите Божји чеда? Интересно е да се разгледаат културолошките и социјални значења околу ставот за тоа што е жената, но во рамки на различни религии. Историјата докажува дека војните се воделе за територии и жени, а религијата во неколку наврати не потсети дека главата на семејството односно мажот, има клучно значење во егзистирањето за сметка на жените. Разбудете се, 21 век сме! До кога ќе преовладуваат двојни аршини за секое прашање? Толкувањето на светите книги се покажа како индивидуална перцепција на поединец, а разните обичаи и традиции, кои од една страна ги кажуваме како обележје на еден народ, придонесоа за создавање на огромни разлики меѓу луѓето. Па нели верата треба да не соедини? Пред се, расчистете си дека постои разлика помеѓу вера и верба. Многумина ја поседуваат првата, а малкумина ја практикуваат втората. Ако велиме дека мажот е главата на семејството, тогаш жената е вратот, а каде може да опстои едното без другото? Секој од нас се раѓа и умира, но животното патешествие е уникатна приказна. Сите сме создадени од крв и месо и сите радоста и болката ја чувствуваме на ист начин.

Пред се, самиот празник Богојавление значи духовно раѓање преку традицијата на крштевање. Во минатото се сметало вечерта меѓу 18-ти и 19-ти јануари точно на полноќ, се отворало небото и се замислува желба и дека празнувањето трае два дена со поделба на Машки и Женски водици. Интересно е да се истакне дека доколку веќе правиме поделба околу родовата припадност, тогаш и 20-ти  јануари треба да биде прогласен за верски празник, со цел бањање на невестите и женските деца. Во Скопје конкретно бил познат обичајот на капење на младоженците, а денес епархиите се изјаснуваат со став дека само мажите имаат право да скокаат по крстот. Дали и покрај модернизацијата и придонесот кој го прават жените на глобално ниво, сеуште тие се гледаат единствено како домаќинки и „фабрика“ за репродукција? Во времето на инквизацијата на Римокатоличката Црква, неистомислениците и жените кои имале свој став биле прогласувани за еретици и спалувани на клада, а денес женските чеда во радикалните исламистички земји се сметаат за предмет за купопродажба, чиј живот или смрт не се забележува во ниту еден документ. Апсурдно е да се истакнува дека станува збор за класично „перење на мозоци“ од кои профитираат одредени поединци. Аналогно на тоа, секојдневно сме сведоци на масовни егзекуции, невини жртви кои во истиот момент се прогласуваат за колатерална штета. Кои сте сите вие што си дозволувате да судите во името на Бога и дали сте свесни дека во истиот момент си пресудувате самите себеси? Религиозната определба до сега се покажало како плодно прашање за разгорување на верски страсти, а мојата цел не е да линчувам, туку да прашам дали постои соодветно лице и институција која е избрана во име на народот и за народот и зошто не си ја врши својата должност?

За разлика од вас, јас совесно донесувам одлука дали еднакво ќе ги почитувам сите живи суштества без разлика на своето потекло и определба, одлучувам да бидам човек наместо предатор и одговорно тврдам дека стојам зад секоја моја одлука бидејќи Бог ми дал совест, која апсолутно сите треба да почнат да ја користат! Демократија или деспотизам, верски фанатизам или простотилук? Сепак би кажала само морбидна реалност, нашминкана со лажни вредности и убедувања, кои нескромно се истакнуваат стриктно само за големи празници.

Објавено:
20 јануари 2015
Категорија: 
Актуел