Јелена Ѓоковиќ зборува за суштинската разлика помеѓу традиционалното и свесното родителство

12 септември 2022

Која е суштинската разлика помеѓу традиционалното и свесното родителство? Од колкаво значење е хиреархиската поделба на улогите во семејството и кои методи на воспитување на децата се поефективни, а кои не се? Дали навистина родителите треба да бидат на врвот и колку традиционалното верување дека децата се во сопственост на родителите е навистина правилно размислување?

Ова се само дел од темите на кои ќе се зборува за време на предавањето на тема „Разговор за родителството - поддршка, а не совршенство", кое го организира Јелена Ѓоковиќ, ко-основач и глобален директор на Фондацијата Новак Ѓоковиќ.

Предавањето ќе се одржи на неколку локации низ Европа, вклучително и Љубљана (18.9.22), Загреб (21.9.22) и Белград (26.9.22). Гостинка на овој значаен настан ќе биде водечкиот светски експерт за родителство, клинички психолог и автор на неколку бестселери на Њујорк Тајмс, д-р Шефали Цабари која ќе го сподели своето искуство за многуте предизвици со кои се соочуваат родителите секојдневно во односот со своите деца, но и ќе понуди совети кои ќе им овозможат подобро да се поврзат со нив.

Јелена, која својата кариера ја насочи кон работата на фондацијата, како мајка и самата е свесна колку овој настан ќе им овозможи на сите заинтересирани родители да слушнат поинаков пристап кон родителството, фокусиран на образованието приспособено на потребите на децата и нивното право да бидат свои. Таа верува дека од огромна важност е родителите да најдат начин да бидат најдобрата верзија од себе во овие стресни времиња и дека тоа е вистинскиот начин да им се помогне на децата да ги надминат сите пречки кои ги очекуваат на нивниот животен пат.

Во однос на личниот метод на воспитување на децата, Јелена се воздржува да дава било каков совет.

„Искрено, немам никаков совет и не сакам да го давам затоа што и самата не сум доволно добра во многу работи за да се ставам во улога на советник. Често гледам дека и тие што имаат некакви титули и дипломи грешат, па денес е неблагодарно да бидам ничиј советник освен себеси и би сакала да останам во улога на личност која искрено го раскажува своето искуство, а не дава рецепт или формула за успех врз основа на нејзиното искуство." - открива Јелена во интервју за медиумите. „Тоа за мене е таа женска поддршка - дека мајките навистина зборуваат искрено без куп преправања дека сме совршени. Навистина не сум тоа и не би сакала утре некој да ме нарекува советник", додава таа.

Објавено:
12 септември 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
579 пати