Во присуство на колеги, соработници, пријатели и медиуми, младата дизајнерка Јована Филиповиќ вчеравечер ги отвори вратите на новото ателје, во центарот на градот.
Уште првиот чекор кога ќе го направите, јасно ви е дека станува збор за нејзин работен простор, кој зрачи со минимализам и софистицираност.
Како вистински домаќин, Јована срдечно нè пречека, а со оглед дека за релативно краток период го менува креативниот простор, ја прашавме од каде потребата за промена:
-Изминативе неколку месеци беа малку поактивни за мене. Бев дел од модната недела во Париз, потоа следеше Шангај, и самата работа ми наложи дека треба малку да се проширам. Сакав да направам нешто што ќе наликува и на модно студио и на шоурум, па сметам дека успеав во намерата. Наскоро планирам да пуштам и сериски колекции, така што претходното студио ќе ми беше претесно за работа. Ова дојде само по себе, мораше да се случи. Всушност, сè ми се случи некако одеднаш, но многу сум среќна – искрена е Филиповиќ.
Со оглед дека е поголемо, ја нема сосема топлата атмосфера од претходното нејзино студио, но сепак несомнено е одраз на тоа што е таа и на нејзината естетика.
Покрај новиот простор, посетителите можеа да ја видат и нејзината најнова колекција, Ресорт 2016.
-После долги консултации со организаторите од Париз и од Шангај, решив да следам некој нивен принцип на работа. По светските стандарди, сите ги презентираат Ресорт колекциите за 2016, па еве и јас, како најава за тоа што следи во септември, односно колекција пролет-лето 2016. И тука ќе направам таква, летна колекција, а ќе ја промовирам и зимската, со која се претставив во Париз – најави Јована.
Ресорт 2016 е наменета за современите девојки и жени.
-Колекцијата, во однос на другите е помала, содржи само 18 парчиња, како најава за тоа што треба да следи. Едноставна е, нослива и ја отсликува современата жена во рок од 24 часа. Тоа ми беше инспирацијата од која што тргнав. Секое парче да е носливо во текот на целиот ден, за речиси сите пригоди – вели дизајнерката, која потенцираше дека и овој пат при изработката на сите модели се застапени природни материјали, што воедно е и една од работите по кои е препознатлива.
Го искористивме моментот да ја прашаме и за впечатоците од учеството на модната недела во Шангај, поточно на ALTER Showroom.
-Шангај и Париз се сосема различни. Мене Париз повеќе ми одговара. Во Шангај сè се одвива многу брзо и масивно. Додека Париз е синоним за стил, се внимава на сите детали. Можеби ќе добиете порачка за само два модела, но тие ќе бидат истретирани на вистинскиот начин, додека во Шангај се работи масовно. Но, како искуство е одлично, среќна сум што имав можност да ги посетам и двете, да ја воочам разликата и да се стекнам со многу нови работи – вели Јована.
Во продолжение погледнете го новиот простор на дизајнерката, каде веруваме нејзината креативност ќе продолжи да се движи само по линијата на успехот.