Јунска улична мода: Колку сме вешти со принтови и бои?

15 јуни 2021

Пролетта не е баш онаква каква што се надевавме и очекувавме, барем кога се временските услови во прашање. Сепак, успеавме да фатиме неколку сончеви денови и да видиме како сонцето модно ги инспирира скопјани.

Еве што забележавме и кои комбинации ги одвоивме како позитивен и како негативен пример.

ДА:

За присуство на свежи бои и принтови

Добро е што конечно посакавме да излеземе од црната и да внесеме малку живо(с)т и во гардероберот. Забележавме присуство на бои кои привлекуваат внимание, а во тој контекст и обиди за монохроматски комбинации кои се вистински хит. Исто така, кошула-фустаните доминираат низ скопските улици и очигледно се прв избор на многу дами, што е добар избор, бидејќи ретко кога можете да згрешите со ова. Многу од моделите имаа принт со точки или цветен, што е апсолутно соодветно на актуелната сезона и воедно е тренди. За пофалба е што повеќето комбинации се искомбинирани со рамни обувки, односно патики, па примат ѝ се дало на удобноста.

 

За големи чанти и чанти во боја

Фотографиите покажуваат и чест избор на дамите на големи чанти во една нијанса, кои да бидеме искрени освен што се модерни се и мошне практични, ма да подеднакво актуелни се и оние со помала димензија, а во некоја впечатлива боја, кои исто така ги забележавме. Некои се одлучија и за сламени чанти, што е уште еден од актуелните трендови.

За широки кроеви

Дали е до годишното време или пак можеби до тоа што сите во време на пандемијата имаме по некој килограм повеќе, но се радуваме на тоа што конечно не доминираат тесните кроеви, кои најчесто не му прават услуга на телото. Комбинациите со фустанчињата во прав крој се супер избор, како и оние со широки панталони. Широката облека нема да ве „поскрие“, напротив може многу повеќе да ви ги нагласи добрите страни, отколку што тоа ќе го направи тесната.

 

НЕ

За кроеви и ткаенини што ги нагласуваат сите недостатоци

Кога бирате облека, гледајте таа да биде во склад со вашата градба на тело, пропорции, но и личност. Започнете од кројот. Можеби ви се допаѓаат комбинезони, но не значи дека ви стојат по секоја цена. Без оглед што широките кроеви се во тренд, не секому му стои и широк комбинезон и тоа во посветла нијанса. Исто така, внимавајте и на ткаенинатата и бојата што ја одбирате. Токму тие можат да го нагласат целулитот, перничињата од страна, стомакот или било кој друг критичен дел од телото. Поентата е да изгледаме подобро, а не да се пофалиме со се' она на што и не сме така горди.

 

За вовлечени кошули/маици во панталони/фармерки

Ако немате рамен стомак или панталони/здолниште со висок струк, тогаш заборавете на оваа опција. Ако имате стомак - ќе го истакне. Ако носите фармерки со низок струк + вовлечена маица, ќе изгледате несразмерно. Да, можеби мислите дека на ваков начин го истакнувате струкот, но додека мислите дека тоа го правите, паралелно истакнувате и многу недостатоци. Затоа, бидете внимателни при ваков избор. Фотографијата број два изгледа многу подобро од фотографијата број еден, ќе се согласите нели?

 

За невидливи шорцеви

Доаѓа лето и повисоки темератури, но постојат многу пофини парчиња облека на кои можете да се осврнете отколку шорцевите кои практично изгледаат како долна облека. Доколку сте љубител на  таква естетика, сепак оставете ја за плажа и летен одмор. Да, секој треба да се чувствува удобно во тоа што го носи, но сепак треба да се внимава и на генералниот впечаток, а тој во вакви шорцеви каде ви се гледаат несовршеностите на кожата, модрици нема да ви направи многу услуга. Едноставно не е баш јасно каква модна приказна сакате да претставите, а облеката помеѓу другото е токму тоа - јазик преку кој кажувате за себе.

 

Објавено:
15 јуни 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.711 пати
Тагови: 
улична мода