„JZJ by Zlatko Jovanovski“ на Модната недела во Лондон

20 септември 2016

Младиот македонски дизајнер Златко Јовановски овие денови има навистина голема причина за славење.

Имено, дел од неговата последна колекција која подолго време е изложена во showroom во Лондон, беше презентирана на групна ревија во рамки на тамошната модна недела.

„Ми пристигна е - маил дека ќе се избираат парчиња облека што ќе бидат изложени на London Fashion Week, па им требаше согласност од мене. Искрено, сето тоа ми беше незамисливо. После кратко време ПР тимот ми соопшти дека меѓу избраните парчиња се и моите. Не можев да поверувам...“, вели дизајнерот.

Како што тој ни посочи, неговите фустани се комбинирани со модни додатоци од дизајнерката која креирала за последната турнеја на Мадона, а целата ревија во рамки на модната недела била организирана од „Fashion Finest“.

„Денеска, кога ми стигаат стотици нотификации по социјалните мрежи и безброј мејлови со понуди за соработка, знам дека сето тоа било реално. Можам да додадам дека менаџерскиот тим таму настојува веќе следната сезона да имам своја самостојна ревија на London Fashion Week бидејќи публиката имала многу позитивни реакции, но сепак сега е прерано што и да кажам“, вели Јовановски за Fashionel.

Објавено:
20 септември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
730 пати