Како да го подготвите дочекот на Новата година во последен момент?

31 декември 2014

На последниот ден од старата и на само неколку часа до почетокот на Новата година, кога сите се под стрес, ви предлагаме неколку брзи совети за тоа како да се подготвите за дочекот на Новата година!

Доколку оваа година решивте да ги поканите пријателите во вашиот дом, а сѐ уште се немате подготвено поради работните обврски, не грижете се, има време за сѐ.

Омилената стилистка на познатите, Рејчел Зое со нејзините обожаватели сподели неколку совети за организирање на дочекот на Новата година во последен момент.

За почеток, купете неколку интересни балони што дефинитивно ќе ја кренат атмосферата во вашиот дом и распоредете ги на неколку централни места. Набавете неколку панделки што ќе ги закачите на столчињата, а доколку е можно, обидете се истите да бидат во слична боја со останатите декорации. Доколку немате време да направите интересни фигури од салфетки, набавете некои со новогодишни мотиви што ќе ви ја разиграат трпезата и чиниите.

И додека во рерната го подготвувате главното јадење, погрижете се за десертот! Она што дефинитивно е најлесно и најбрзо за правење се чоколадните бомбици на кои не им треба печење, туку само украсување!

 

Откако ќе го завршите десертот, набавете неколку интересни украси за пијалоците со кои планирате да ги послужите вашите гости и со кои дефинитивно ќе предизвикате насмевка на нивните лица.

Кога веќе сте во набавка на празнични реквизити, во зависност од тоа колку гости имате покането на вашата забава, израдувајте ги со некое мини подароче што ќе им го поставите на чинијата. Наш предлог се интересните шолји со натписи, реквизити за во кујна за жените, канцелариски прибор за мажите и уште некои ситни работи што брзо можат да се набават.

На крајот на вечерта, израдувајте ги вашите гости со вкусно топло чоколадо што се прави за многу кратко време, а истото украсете го со шлаг пена и парче цимет!

Совршен план за брзо подготвување на дочекот на Новата година, нели!?

Објавено:
31 декември 2014
Категорија: 
Актуел